23/11/2024
Македонија

Во Женева одржан состанок на страните на протоколот за елиминирање на недозволена трговија со тутунски производи

Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи обезбедува сеопфатен сет на алатки за борба против нелегалната трговија, вклучувајќи и воспоставување на глобален систем за следење на движењето на тутунските производи (Тrack&Тrace) и надградби за нивниот правен статус. Протоколот, исто така, вклучува мерки за унапредување на меѓународната соработка, вклучувајќи и препораки за имплементирање на санкции и мерки за спроведување на законите.

Тродневната седница беше првиот собир на Страните на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи, по влегувањето во сила на Протоколот на 25-ти септември оваа година.

Република Македонија како земја потписничка на Протоколот и членка на Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот WHO FCTC, на првиот состанок MOP1 на Страните на Протоколот беше претставена од директорот на Секторот за акцизи при Царинската управа на Република Македонија Анастас Маженковски, кој како акредитиран претставник и шеф на делегацијата од Република Македонија учествуваше на состаноците на Страните (MOP1) кон Протоколот.

Делегацијата од Република Македонија оствари работна средба со претставници на Секретарјатот на WHO FCTC при што се дискутирани и разменети информации и предлози за натамошните активности кои Република Македонија треба да ги превземе во рамките на ратификацијата и имплементацијата на Протоколот. Исто така остварени се средби и со делегациите на земјите од регионот Србија и Црна Гора, при што е потенцирана потребата од регионалната соработка во насока на размена на искуства и информации во импламентацијата на Протоколот.