Водата во Свиништа, Завој, Куратица, Опеница и Косел сè уште не е безбедна за пиење
При повторената контрола и анализа на квалитетот на водата за пиење од селските водоводи во општина Охрид извршена на 14 и 15.03.2018 од страна на Центар за јавно здравје Охрид констатирано е дека во селата Свиништа, Завој, Куратица, Опеница и Косел водата за пиење од системот за водоснабдување сеуште е без дезинфекционо средство и со матност поголема од законски пропишаната вредност. Првичните микробиолошки анализи на овие води покажаа и присуство на патогени бактерии. Според тоа и согласно законските прописи, водата за пиење од системот за водоснабдување во горенаведените села сè уште не е здравствено безбедна за пиење.
Се апелира до жителите во овие села да избегнуваат користење на ваква вода за пиење, а до надлежните кои стопанисуваат со водоводите да преземат соодветни мерки за надминување на проблемот и обезбедат здравствено безбедна вода за пиење за житечите во овие села.
Центар за јавно здравје Охрид редовно ќе ја следи состојбата и навремено ќе информира за квалитетот на водата за пиење во горенаведените села.
Резултатите од анализата се испратени и до инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство во Охрид за натамошно постапување.