23/11/2024
Регион/Свет

Водечки научни студии докажале дека ПМ2,5 честичките директно влијаат на смртноста од Ковид-19

Дури за 15 проценти е зголемена стапката на смртноста кај лица заразени од Ковид-19 кога има зголемување на загадувањето со ПМ 2,5 од само еден милиграм на кубен метар, утврдиле научниците од Харвард во најновата национална студија, објавена пред неколку дена во Соединетите Американски Држави. Во првите месеци на пандемијата реализирани се бројни научни студии од врвни научни центри кои укажале на поврзаноста на загадувањето и сериозноста на симптомите на заболувањето предизвикано од корона вирусот.

Студијата од Харвард, која ја испитувала поврзаноста на долготрајната изложеност на аерозагадување и стапката на морталитет кај лицата заразени со Ковид-19 покажа дека само мал пораст на вредностите на изложеноста на загаден воздух, посебно на фините загадувачки честички со помал размер, познати како ПМ2,5 доведува до 20-кратно зголемување на смртноста од корона вирусот. Заклучокот во самата студија вели дека е неопхоодно да се применуваат регулативите за аерозагадувањето за да се заштити човековото здравје во текот и по кризата предизвикана од корона вирусот.

Оваа актуелна студија, реализирана на почетокот на април во преку 3.000 области во САД докажала дека најголемиот дел од претходните здравствени состојби на пациентите заболени од корона-вирусот, таканаречените коморбилитети се истите заболувања кои ги предизвикува и долготрајната изложеност на загадувањето на воздухот и дека долготрајното изложување на ПМ2,5 честичките го зголемува и ризикот од смртен исход на пациенти болни од Ковид-19.

Дури и пред појавата на епидемијата, загадувањето на амбиенталниот воздух беше поврзуван со дури 9 милиони смртни случаи на светско ниво, од кои 800 илјади се само во Европа. Сега двете нови студии, студијата на Харвард и еден месец претходно објавената студија на германскиот институт „Макс Планк“ покажуваат и дека постои поголема опасност пациентите заболени од Ковид-19 да починат ако живеат во региони во кои има високи стапки на аерозагадување.

Аерозагадувањето се покажа како поголем предизвикувач на смрт од пушењето, кое, според истата методологија на научно истражување се докажало дека годишно убива 7 милиони луѓе, вели Јос Лелиевелд од Иститутот „Макс Планк“ од Лајпциг, Германија. Тој вели дека аерозагадувањето сега се вбројува во главните фактори на ризик по здравјето на човекот, заедно со високиот крвен притисок, дијабетисот и дебелината, вели тој.

Најновите резултати сугерираат дека загадувањето на воздухот многу повеќе придонесува и за кардиоваскуларните заболувања одошто порано се мислело. Аерозагадувањето подмолно влијае на човековото здравје. Согорувањето фосилни горива кај фабриките и возилата создава фина прашина и други ситни честички и секое вдишување на овие честички полка но сигурно го зголемува ризикот од проблеми со срцето, од мозочни удари, астма, воспаленија на белите дробови и ракот на бели дробови, пишува „Блумберг“. Овие честички се толку мали што успеваат да стасаат до секој орган во телото. Што подолго е проучува поврзаноста на загадувањето на воздухот со здравјето, се е подолга листата на заболувања кои се поврзуваат со него, вклучувајќи го сега Ковид-19.

Ковид-19 не ги засега сите подеднакво. Кај оние кои се најпогодени со него, се смета дека вирусот се движи од горните дишни патишта каде што може да предизвика воспаление на грлото, кон долните дишни патишта каде предизвикува воспаление на белите дробови што може да доведе до смрт доколку излезе од контрола.

Авторите на една друга неодамна завршена студија на Универзитетот во Сиена ја истражувале поврзаноста на загадувањето на воздухот во регионите во северна Италија кои беа и најпогодените со Ковид-19 епидемијата со појавата на актутен респираторен синдром кај дел од пациенти без оглед на возраста и утврдиле дека пролонгираната изложеност на аерозагадувањето води кон хронични воспалителни процеси во телото дури и кај млади и здрави лица. Според овие научници, луѓето кои живеат во области со високи вредности на загадување се повеќе склони на хронични респираторни состојби и се поподложни на респираторни инфекции каква што е Ковид-19. Аерозагадувањето присутно во индустриските области на Северна Италија, заклучиле научниците од Сиена, треба да биде сметано за дополнителен ко-фактор кога е во прашање смртноста забележана во тој регион. „Загадениот воздух ја „ослабнува првата линија на одбрана“ на горните дишни патишта што може да објасни зошто толкава голема бројка заразени од корона вирусот починале.

извор: мета.мк