22/11/2024
Македонија

Воскресение Христово – Велигден (католички)

Христијанските верници од католичка вероисповед денеска го празнуваат големиот празник Воскресението Христово – Велигден, денот кога Исус Христос, според верувањата воскреснал од гробот.

Претходно, откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Христос и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие.

Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа.

За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени мироносици појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Во тој момент земјата се затресе, затоа што Божји ангел слета од небото, го тргна каменот од гробот, и седна на него. Неговото лице блескаше како молња, е неговите облеки беа бели како снег. Кога тоа го видоа стражарите, тие затреперија од страв. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ѝ поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.