16/11/2024
Македонија

Врачени мандатните писма на министрите

Владата на Република Северна Македонија на својата втора седница одржана денеска донесе неколку одлуки и заклучоци од интерес на граѓаните.

По утврдувањето на дневниот ред, премиерот Заев на министрите и министерките им ги предаде мандатните писма со утврдена мисија и задачи во нивниот четиригодишен мандат. 
На својата втора седница, членовите на Владата ги прифатија измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Владата.

Една од измените се однесува на прецизирање на надлежностите на Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите.

Предвидено е, Претседателот на Владата да го заменува Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите, а во случај на негово отсуство или спреченост тогаш Претседателот на Владата го заменува еден од неговите заменици што тој ќе го определи.

Според дополнувањата,  на Претседателот на Владата во вршењето на неговите права и должности му помагаат Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и  замениците на Претседателот на Владата.

Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на Претседателот на Владата се грижат за извршување на работите од надлежност на Владата по одделни прашања за кои ќе ги овласти Претседателот на Владата.

Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и  замениците на Претседателот на Владата го известуваат Претседателот на Владата за извршување и спроведување на работите.

Измените и дополнувањата се однесуваат и на подготвувањето и доставувањето на  материјалите за разгледување на седниците на Владата, нивното разгледување и процесот на нивно утврдување.

На барање на Собранието на акционери на АД „Пошта на Северна Македонија“, Владата на Република Северна Македонија ѝ даде согласност на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје за отпочнување на постапка на преговори со цел склучување на нов Договор за деловна соработка со деловна банка на територија на Република Северна Македонија, преку која ќе ги врши услугите на платниот промет.

На предлог на Министерството за образование и наука, денеска беа разгледани и Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за основното и средното образование, кои ќе бидат доставени до Собранието на Република Северна Македонија. Предложените законски одредби обезбедуваат безбедна училишна средина за сите инволвирани во воспитно-образовниот процес во училиштата како учениците, наставниците и друг ненаставен кадар и родители, преку подготвен кадар за следното: како да се одржува хигиена и дезинфекција, да се организира движењето на учениците, да се распореди  мебелот во училницата за да ја има потребната дистанца помеѓу учениците од најмалку 1,5 метар, организиран надзор од страна на наставниците, стручните соработници и административно-технички кадар, согласно препораките дадени од Министерството за здравство-Комисијата за заразни болести во врска со мерките за превенција и контрола на КОВИД-19.

На предлог на истото Министерство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на феријалната практика и практичната настава во средните стручни училишта во учебната 2020/2021 година и ги разгледа и усвои дополнителните исклучоци во наставата од далечина за феријалната практика и учење преку работа кај работодавач и практична настава во стручното образование да се одвива со физичко присуство на учениците. Исто така беа усвоени и Протоколите за постапување на средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука во Република Северна Македонија за спроведување на практичната настава со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач во секторот машинство, секторот земјоделие, рибарство и ветерина, секторот хемија и технологија и секторот лични услуги со задолжување, Министерството за образование и наука да ги извести средните стручни училишта за реализацијата на феријалната практика и практичната настава.

Министерството за труд и социјална политика, ја предложи, а Владата ја разгледа и усвои Информацијата за повторно отворање на установите за згрижување и воспитание на деца -детски градинки / центри за ран детски развој за време на пандемија КОВИД- 19, со препорака на сите единици на локална самоуправа кои се основачи на јавните установите за згрижување и воспитание  деца  да обезбедат дополнителен простор или да адаптираат соодветен простор  за потребите на градинките доколку градинката има потреба за згрижување на деца согласно Протоколот.  Исто така на сите единици на локална самоуправа кои се основачи на јавните установите за згрижување и воспитание на деца, се препорачува да обезбедат  потребен соодветен кадар за временски период до траењето на епидемијата- КОВИД -19 доколку градинката има потреба за непречено функционирање.

На денешната седница, Владата ја донесе Одлуката, министерот за финансии Фатмир Бесими да биде именуван за гувернер на Република Северна Македонија во Европската банка за обнова и развој.  Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука, престанува да важи Одлуката за именување на гувернер на Република Северна Македонија во Европската банка за обнова и развој од 10 септември 2019 година.