25/11/2024
Македонија

Врвно пијано „Стенвеј’ од 160.000 евра, донација од Штрабаг за Македонската филхармонија

Македонската филхармонија, Министерството за култура и компанијата „Штрабаг“ денеска одржаа прес-конференција, на која го претставија новото концертно пијано од престижната марка „Стенвеј“, донација за Македонската филхармонија од компанијата „Штрабаг“. На пресот се обратија министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, в-д директорот на НУ Македонска филхармонија, Виктор Илиески и Горанчо Аговски, претставник на „Штрабаг“ за Македонија, а можностите на пијаното ги презентираше Арда Мустафаоглу, еден од најталентираните млади пијанисти на нашата земја…

Filharmonija_steinway_donacija_strabag_2_april_2018_foto_1

„Би сакал да се заблагодарам на компанијата ‘Штрабаг’ за оваа вредна донација од речиси 160.000 илјади евра, резултат на меѓусебното почитување и исклучително коректен и професионален однос“, истакна министерот Роберт Алаѓозовски.

„Во изминатите месеци интензивно контактиравме, барајќи начин за решавање на непријатностите создадени од најголемиот долг што го остави претходната власт, оној за изведба на објектот на Македонската филхармонија, кој освен тоа, ни беше оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење и со други големи проблеми. Успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата ‘Штрабаг’, на обострано задоволство,  договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета по буџетот на граѓаните. Македонската филхармонија и овој репрезентативен објект добиваат инструмент достоен на нивото и очекувањата. Ова врвно концертно пијано „Стенвеј“  ќе биде во функција не само за уште поквалитетна работа на вработените во Филхармонијата, туку ќе биде од извонредна помош за организирање на ексклузивни концерти и гостувања на врвни светски музичари, за чие концертирање се потребни врвни услови,“ рече Алаѓозовски.

Filharmonija_steinway_donacija_strabag_2_april_2018_foto_2

Директорот на Македонската филхармонија, Викот Илиески информираше дека концертното пијано ќе ја има официјалната промоција на 10 мај, со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин. „Со новата зграда, со новото концертно пијано, Македонската филхармонија живее нов живот, следи успешни настани кои заслужуваат да бидат реализирани во овој дом. Ова е голем чекор за нас кој ќе остави силен печат во македонската култура воопшто“, истакна Илиески.

По пресот, концертното пијано беше презентирано од страна на македонскиот млад и талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој ја изведе Токатата од македонскиот композитор Властимир Николовски.

Освен  оваа донација, „Штарбаг“ во текот на годинава ќе обезбеди и едно врвно гостување – австрискиот диригент Густав Кун, кој ќе диригира со оркестарот на Македонската филхармонија на 18 октомври 2018, со изведба на грандиозната Бетовенова Деветта. „Чест ми е што во името на компанијата го пренесувам огромното задоволство што со ваков чин, донација на концертно пијано, ја завршуваме нашата приказна, нашиот успешен проект Македонска филхармонија“, рече Горанчо Аговски од „Штрабаг“.

Донацијата на концертното пијано претставува важен чин не само за Македонската филхармонија, туку воопшто за музичката култура во нашата земја. Македонската филхармонија, пред оваа донација, поседуваше само едно концертно пијано, исто така од марката „Стенвеј“, кое оваа институција го доби во 1992 година од страна на тогашното ПТТ Македонија како донација.

Filharmonija_steinway_donacija_strabag_2_april_2018_foto_3

Filharmonija_steinway_donacija_strabag_2_april_2018_foto_4