Втор состанок на Управната група за преземени обврски за безбедност во рамки на Берлинскиот процес
„Ми претставува чест да ве поздравам и да ви посакам добредојде во Република Северна Македонија во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи. Дозволете ми на почетокот да изразам благодарност до Министерството за надворешни работи и работи на Комонвелтот за сета досегашна соработка со Република Северна Македонија и за укажаната доверба. Ова дотолку повеќе што токму во нашата земја, минатата година ги поставивме основите на Управната Група за преземени обврски за безбедност и ја дефиниравме и содржината на Заедничката декларација за начела на соработка во полето на размена на информации за спроведување на законот. Двата овие документи, ние Министрите за внатрешни работи и за безбедност од регионот на Западен Балкан ги усвоивме на Лондонскиот самит пред речиси неполна година“, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањето на Вториот состанок на Управната група за преземени обврски за безбедност во рамки на Берлинскиот процес, што денеска и утре се одржува во хотелот Хилтон во Скопје.
Вклучувањето на областа на безбедност односно внатрешните работи на агендата на Берлинскиот процес, лично сметам, рече Спасовски, дека беше вистинскиот потег, нешто што претходно недостасуваше во ова иницијатива, со оглед на фактот дека Берлинскиот процес е единствена иницијатива на највисоко политичко ниво кој исклучиво се фокусира на учесничките од Западен Балкан кои не се членки на Европската Унија.
„Да се спроведува механизам кој е комплементарен на пристапувањето на нашите зејми кон ЕУ, да се поврзува нашиот регион со Европа промовирајќи ги заедничките надворешни, економски, младински и политички интереси, со конкретна соработка и во областа на внатрешните работи е можеби најважната алка за структурна и нераскинлива врска на регионот на Западен Балкан со Европската унија. Предизвиците со кои се соочува Западен Балкан се истите предизвици со кои се соочува Европската унија, било да е тоа борбата против транснационалниот организиран криминал, управувањето со миграциските текови, обезбедувањето енергетска безбедност или безбедноста на сите наши граѓани. Најефективниот пристап што го имаме за постигнување на нашите заеднички цели, но и справување со заедничките предизвици е преку процесот на интеграција. Во Глобалната стратегија и во Римската декларација од март 2017 година, ЕУ и земјите-членки ја потврдија својата отвореност кон оние европски земји кои ги почитуваат нејзините вредности и се посветени на нивно промовирање. Истото е направено и со Кредибилната перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската унија со Западен Балкан како што минатата година беше насловена Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан. Интеграција во ЕУ е најдобрата алатка што постои за доведување на земјите-членки на Европа и на Западен Балкан на иста маса за да се создадат заеднички решенија и живот во мир, слобода и просперитет. Глобалната стратегија признава дека една веродостојна политика за проширување е стратешко инвестирање во безбедноста и просперитетот на Европа“, рече Спасовски.
Во рамки на Берлинскиот процес, премиерите од нашиот регион за неполн месец ќе се состанат во Полска, по петти пат, по што ќе следи период на размислување и евалуација на постигнатото, но и период за трасирање на патот напред.
„Она што јас лично можам да го извлечам како заклучок и од минатогодишниот самит во Лондон и воопшто за целиот период на постоење на оваа платформа за соработка е дека Берлинскиот процес успеа да создаде позитивен импулс и овозможи директна комуникација меѓу лидерите на регионот за тоа како колективно да се материјализираат конкретни области на регионалната соработка.
Република Северна Македонија веќе две години посветено и реализирано работи на исполнување на сите критериуми кои што се очекуваат од нас. Се заложивме да испорачаме резултати во реформите во клучните области од итните реформски приоритети, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и реформата на јавната администрација. Неспорно е дека безбедносно – разузнавачките служби имаат круцијална улога во заштитата на националната безбедност и почитувањето на владењето на правото. Нивната цел е да соберат, анализираат и пренесат информации кои се неопходни за заштита на безбедноста (национална, регионална, глобална) и за заштита на човековите слободи и права, со акцент на превентивна улога. Покрај силно изразената политичка волја за целосно исполнување на препораките на Р.Прибе, силна мотивација со која се пристапи кон спроведување на реформите е враќање на довербата во државните институциите, довербата дека истите постапуваат почитувајќи го законот и во согласност со високи етнички и професионални стандарди. Основни начела врз кои се темели реформскиот процес се почитување на човековите слободи и права гарантирани со уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори и забрана за следење на комуникациите без судска наредба.
Исполнувањето на реформите во безбедносниот сектор беше еден од клучните предуслови за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. Првата спроведена реформа е онаа што ја направивме во следењето на комуникации со формирање на Оперативно-техничката агенција. Втората реформа е носењето на законите за Агенцијата за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во земјава. Во целиот овој процес најважно беше агенцијата да се постави врз начела и принципи што ќе овозможат формирање модерна и ефикасна служба по примерот на европските, да се одземат полициските овластувања и да се тргне превезот на тајната полиција, од која се плашат граѓаните, а сето тоа е процес за кој треба да се крева јавната свест. Преку конструктивен пристап, во соработка со опозицијата и следејќи ги насоките на нашите меѓународни партнери, дојдовме до квалитетно законско решение, коe од една страна значи гаранција на човековите права и приватноста, а од друга страна креирање предуслов за силен механизам за ефикасна борба против организираниот криминал, тероризам и закани во глобални размени по безбедноста и сигурноста на сите граѓани. По донесувањето на Законот за следење на комуникациите и Законот за оперативно –техничката агенција, и со донесувањето на Законот за агенција за национална безбедност ги заокруживме реформите во безбедносниот сектор кои што со години меѓународната заедница ни ги препорачува и се еден од условите на нашиот евро-атлански пат“, рече Спасовски.