23/11/2024
Охрид

Второ издание на Џез фестивалот во Охрид

Во организација на Општина Охрид синоќа во предворјето на црквата Св. Софија започна Охридскиот џез фестивал.

Публиката уживаше во музиката на Драган и Ратко Даутоски, а пригодно обраќање имаше заменик градоначалникот  на Охрид, Ана Крстеска.

– Во монументален амбиент во предворјето на  вековитиот  храм Св. Софија, ноќава со прекрасните звици на Драган и Ратко Даутовски го отвораме Џез фестивалот што се одржува втора година по ред во организација на локалнта власт.  

Музиката е јазик кој го разбираат и е добатлив за сите, за стилот пак е дегутантно да се дебатира затоа што е одраз на вкусови. Јас верувам дека џез музиката како  мешавина на африкански и европски музички традиции е убава за мнозинството затоа штo  преку нејзе се запознаваме со две култури европската  и африканската.

 Песната и играта  му претходат  на пишаниот збор и се тесно поврзани со уникатноста на човековата култура. Развојот на музиката помеѓу луѓето се случува наспроти позадината на природните звуци како што се  црцорот  на птиците и звуците на другите животни. Праисториската  или примитивна музика е поим кој се дава на сите музички форми кои настанале пред писменоста на културите. Значи од искона сме биле музикални и не можеме да го замислиме нашето секојдневие без нејзе.

А вечерашниов настан е  само еден во низата културни случувања што се реализираат во организација  на Општина Охрид и можеби единствен од ваков тип.  По традиционалните: Балканскиот фестивал на  песни и игри, Охридско Лето, Охридски хорски фестивал и мнозината помали  секојдневни фестивали  редот дојде на нешто поретко, невообичаено и уникатно. Џез фестивалот ја освежи културната слика на градов донесе Несекојдневни гости вљубеници на овој стил на музика кои вечерва ќе уживаат во прекрасните звуци на Даутовски, а утревечер во музикта на реномираното трио  Наташа Миха- вокал, Дамир  Имери- пијано и Иван Бежов –бас.

Ваква културна содржина му беше повеќе од потребна на нашиов град затоа и во иднина ќе продолжиме да го организираме  овој фестивал со очекуваање да добие традиционален карактер и да биде привлечен за бројни посетители од земјава и странство.

На крај посакувам да имате прекрасна и незаборавна вечер со џез музика, а ние се гледаме живи, здрави и побројни до година –подвлече Крстеска.

 Вечерва  ќе настапи триото  Миха. Наташа Миха- вокал,  Дамир Имери –пијано и Иван Бежов –бас. Џез фестивалот се организира втора година по ред, а влезот за фестивалските ноќи е слободен.


WebOhrid / 24.08.2024 / Општина Охрид