World Heritage Watch ја одбележува 50-годишнината од Конвенцијата за светско наследство со повик за итна реформа
На Светското наследство неопходна му е итна реформа, повеќе финансии и повеќе права за граѓанското општество и домородното население – е ставот на светската мрежа на организации во областа на светското наследство World Heritage Watch*. На 50-годишниот јубилеј од Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, активисти од граѓанскиот сектор од сите краишта на светот, поднесоа агенда за сеопфатна реформа на ова меѓународно тело.
Под името Потсдамски трудови (The Potsdam Papers), мрежата на World Heritage Watch поднесе 12 екстензивни трудови со предлози во клучни области, од политизација, до финансирање, одржлив развој и туризам, соодветни за следните 50 години на Светското наследство.
„Конвенцијата за светско наследство, несомнено најпопуларниот меѓународен договор во Обединетите нации, стана жртва на сопствениот успех“, вели Штефан Домке, кој ја координираше работата и ги изработи најголем дел од трудовите, а потоа тие беа предмет на дискусија и финализирање во 4-дневниот форум на организацијата кој се одржа онлајн од 10 до 13 ноември. “Престижот и приходите од туризмот станаа толку големи, што земјите се впуштија во меѓусебен натпревар да стават што поголем број локалитети на Листата на светско наследство, без притоа соодветно да ги заштитат. Сега, таа листа станува преголема за управување. Во исто време, потписниците на Конвенцијата, помалку од било кога се грижат за строгите барања за заштита на светското наследство, а УНЕСКО не може нешто многу да стори околу тоа. Правилата се со премногу пропусти и дупки, има премногу геополитика наместо вистинска грижа за нашето наследство.“
Нè зачудува што токму прекумерниот туризам е најголема закана за светското наследство. „Бев шокиран кога видов дека во Оперативните насоки на Конвенцијата, земјите не се ни обврзани да поднесат планови за туризам во процесот на номинација на дадено подрачје за впишување во листата на Светско наследство“, објаснува Домке. „За тоа не се свесни дури ни некои од постарите официјални лица на УНЕСКО. На овој проблем мора итно да се работи. Тие (УНЕСКО) имаат многу фини политики за одржлив развој, ублажување на климатските промени и сл., но во однос на имплементацијата – ништо не се случува.“
Според Домке, заштитата на културното и природното наследство мора да стане тема на меѓународната агенда за развој со цел да се осигури неговата заштита. „Земјите донатори, се со полни усти, но мора да го одврзат паричникот. Локалното население мора да ги трпи ограничувањата кои нужно доаѓаат со добивањето на статусот светско наследство и ќе биде спремно да го чува само доколку може да ужива дел од економските придобивки од истото. Меѓународната заедница ги впишува локалитетите на листата на светско наследство, и со тоа што тие стануваат дел од наследството на целото човештво, сите ние преземаме дел од одговорноста да ги чуваме.“
*Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ е член на мрежата на World Heritage Watch од 2017 година и зеде активно учество кон конечната верзија на Потсдамските трудови.
WebOhrid / 17.11.2022 / Охрид SOS