26/11/2024
Македонија

За здрави празници – умерена и врамнотежена исхрана

Празниците, секако, се чекаат со нетрпение. За време на празниците нашите домови се полни со вкусни и примамливи намирници, па затоа не е лесно да се придржуваме до принципите на здрава и врамнотежена исхрана. И покрај тоа, можно е да уживаме во празниците без да го оптовариме нашето тело со дополнителни килограми или други здравствени потешкотии.

За празници често јадеме кога воопшто не сме гладни заради полните трпези со храна во сопствениот дом или на местата каде се движиме. Сепак, ова можеме да го спречиме!

Затоа, подолу неколку насоки кои треба да ги имаме на ум за време на празниците.

1. ИЗБОРОТ НА ХРАНА ЗАПОЧНУВА ВЕЌЕ ВО ПРОДАВНИЦАТА, СО ПАМЕТНО КУПУВАЊЕ

На пазарење е најдобро да одиме наспани и по квалитетен оброк. Тешко ќе одолееме на импулсивно купување доколку сме гладни и по непроспиена ноќ, во такви ситуации ќе купуваме храна богата со шеќер, масти и сол и ќе бидеме склони кон донесување импулсивни одлуки.

Менито треба да го планираме неколку дена однапред, со список на потребните состојки и кон кој треба да се придржуваме додека сме во продавница.

Добро е да имаме многу овошје и зеленчук.

Во фрижидерот треба да има јогурт и млечни производи, кои се богат извор на калциум и благотворно делуваат на нашата цревна флора.

Јаткастите плодови се одличен извор на здрави масти, протеини, влакна и минерали, кои треба да ги внесуваме во секојдневната исхрана за време на новогодишните празници. Сепак, умерено со внесот на јаткасти плодови бидејќи тие се богати со калории.

2. УМЕРЕНОСТ

Водете сметка на големината на порциите и користете помала чинија за сервирање. Внимавајте да не претерате со конзумирањето на масна и зачинета храна и суви производи, кои освен што се калорични, може да доведат до чувство на тежина и болка во горниот дел на стомакот, често придружени со мачнина и надуеност. Ако малку сте претерале, не брзајте по таков оброк, туку одете на лежерна прошетка.           

3. АЛКОХОЛОТ И ЗАСЛАДЕНИТЕ ПИЈАЛАЦИ СЕ ИЗВОР НА Т.Н. „ПРАЗНИ КАЛОРИИ“

Внимание при консумирањето на алкохолни пијалаци, кои во поголеми количини можат да предизвикаат непосакувани состојби, а се и многу калорични.

Ограничете го пиењето висококалорични газирани и засладени сокови бидејќи тоа се „празни“ калории (една чаша од таквите пијалоци може да содржи повеќе од 100 калории).

4. И МЕСО НЍ ТРЕБА, НО…

При изборот на месо, дадете приоритет на белото месо (пилешко, мисиркино), а ограничете ја употребата на црвено месо со видливи масти.

Со месото задолжително подгответе доволно зеленчук и разни свежи салати.

Рибата нека биде на празничната трпеза.

5. ШТО ПО ГЛАВНИОТ ОБРОК?

Одберете овошје наместо грицки.

Подгответе овошни колачи без или со што помалку маргарин, намалете ја количината на шеќер и не претерувајте со чоколадото.

Не заборавајте за прошетки и други форми на физичка активност за кои секако ќе имате доволно време за време на празниците.

Колку и да се трудиме да се грижиме за правилна исхрана за време на празниците, сепак има повеќе храна отколку во вообичаените денови. Почестете се со храната што најмногу ја сакате, но не заборавајте дека умереноста е клучна. Правилната исхрана и редовната физичка активност секако можат да нѝ помогнат во остварувањето на желбите кои ќе ги посакаме за годината што доаѓа.


WebOhrid / 29.12.2023 / Институт за јавно здравје