23/11/2024
Охрид

„Зад виножитото“ – неоекспресионистичка убавина на„Охридско лето“

„Зад виножитото“ е насловот на изложбата на уметнички дела од Калина Брајковска што беше отворена синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Изложбата тематски е продолжение на нејзината претходна одржана во Младинскиот културен центар во Скопје со наслов,,Радост на живеењето“на која беа претставени 16 дела масло на платно.

Неоекспресионистичкиот стил ,силните бои ,експресијата …се дел од карактеристиките на изразот на Калина Брајковска. Таа ужива на платната со големи димензии каде што го преставува својот“ бескрај“-својата/нашата,,вечност“.

-Во новиот циклус ,,Зад виножитото“, во делата ,,Ти си вистински оригинал“,“Сето она кое сме“,“Дојди како што си“,,Кралица на постоењето“Моќта на цветот“ и други, потрагата по идилата која е составен дел од нас, уште по потврдено го бара  својот начин да го заземе приматот.Освен во нашата меморија,   во нашиот код да се обвистини сега и овде.Она  за кое мечтаеме со затворени очи денеска да успееме да го почуствуваме како реалност, вели  авторката Брајковска.

Насловите пак,  од првиот циклус,,Пролетни приказни“,„Природен Закон“,„Мистика на природата“,,Цутење“, „Љубовта се враќа од југ“ и други, ги разоткриваат состојбите кои секогаш се родени од природата од чиј дел сме сите, циклусот на раѓање и смрт,плодноста,машкиот и женскиот принцип ,радосното славење на мигот,нежноста ,волшебноста на постоењето.

Калина Брајковска, дипломирала на Филозофскиот факултет на отсек историја на уметност со археологија со висок просек. Живее и работи во Скопје, се занимава со применета уметност (дизајн) и сликарство од мала возраст. Реализирала повеќе изложби од кои позначајни се: групна изложба во галеријата на НЛБ Банка, дизајн на парчиња облека  на неделата на дизајн во Куршумли Ан – Скопје, изложба во фоајето на МКЦ Скопје, изложба на саемот за дизајн во Торино (Дизајн на парчиња облека), самостојна изложба во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, самостојна изложба во кафе – галерија Концепт 37 – Скопје.