22/11/2024
Македонија

Заедничка прес-конференција на премиерот Заев и германската канцеларка Меркел

Во рамките на официјалната посета на СР Германија, премиерот Зоран Заев и канцеларката Ангела Меркел одржаа заедничка прес-конференција за медиумите и ги презентираа најважните поенти од нивната средба.

Во своето обраќање пред претставниците на медиумите премиерот Заев го изрази своето задоволство од средбата и информираше дека на канцеларката Меркел ѝ изразил честитки за прелиминарниот договор за владина коалиција во Сојузна Република Германија. Политичка стабилна и силна Германија е во интерес на Европа и на Балканот, нагласи премиерот Заев во своето излагање.

„Оваа година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји. Нема подобра потврда за плодната соработка меѓу Македонија и Германија од фактите. Сојузна Република Германија е трговски партнер број 1 за нашата земја. Вредноста на трговската размена достигна околу 3.6 милијарди евра, и секоја година расте“, истакна Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.

Премиерот Заев на оваа прес конференција им упати охрабрување на германските компании да продолжат со експанзијата на своите бизниси во Република Македонија и информираше дека досега нивните фабрики отворија 20 илјади работни места во Република Македонија.

Претседателот на Владата на РМ Заев, соопшти дека наскоро се очекува да биде потпишана спогодбата за взаемно признавање на возачките дозволи меѓу Република Македонија и СР Германија.

Премиерот Заев потоа се задржа на соработката во областа на одбранбените политики и безбедноста. Тој истакна дека Република Македонија длабоко ги цени силните пораки на поддршка што доаѓаат од Сојузна Република Германија за нашите стратешки определби – членството во ЕУ и НАТО, особено преку иницијативата Берлински Процес за Западен Балкан.

„Секако, нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и на решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име. Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување и од нашите граѓани“ истакна, меѓу другото премиерот Заев на заедничката прес конференција со канцеларката Меркел во рамките на официјалната посета на високата владина делегација на СР Германија.

Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, од своја страна, изразувајќи му добредојде на македонскиот премиер, истакна дека СР Германија останува силен партнер на Република Македонија и дека меѓусебната соработка ќе се интензивира и понатаму имајќи ја предвид реформската агенда на актуелната влада.

Меркел во својата изјава оцени дека сега Република Македонија има стабилна влада која спроведува реформски политики во интерес на граѓаните на земјата и дека тоа е неопходно за перспективите на Македонија за членство ЕУ и НАТО.

Германската канцеларка истакна дека СР Германија отсекогаш ја поддржувала европската перспектива за земјите од Западен Балкан, дополнувајќи дека конфликти во регионот имало доволно, и дека сега треба да се работи на нова реалност.

Канцеларката Меркел нагласи дека се радува што владата предводена од премиерот Заев повторно дојде до придвижување во преговорите за името со Република Грција, и потенцираше дека Германија сака овој проблем да биде решен, и дека е подготвена да ги охрабри партнерите да направат нужни чекори и да најдат решение.

Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел изрази надеж дека на претстојниот априлски самит на шефови на држави на ЕУ во Софија, во Република Бугарија, ќе има вести за позитивен развој по ова прашање.


Премиерот Заев од заедничката прес конференција со канцеларката Меркел: Желбата да им дадеме на светот и на Европа еден нов Балкан е силно поддржана од Сојузна Република Германија

„Сакам да искажам огромно задоволство што ми е укажана прилика, како премиер на Република Македонија, да бидам денеска овде, и да го споделам тоа задоволство со нашата пријателка, канцеларката Ангела Меркел.

За време на нашата средба изразив честитки за прелиминарниот договор за владина коалиција во Сојузна Република Германија, затоа што политички стабилна и силна Германија е во интерес и на Европа и во интерес на Балканот од каде што доаѓаме.

Оваа година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји.

И затоа, нема подобра потврда за плодната соработка меѓу Македонија и Германија од фактите. Сојузна Република Германија е партнер број 1 во трговијата за нашата земја и секако еден од најголемите стратешки партнери на Македонија.

Вредноста на нашата трговска размена достигна повеќе од 3.6 милијарди евра, и секоја година расте, заради што сме посебно среќни.

Сакаме да ја искористиме приликата и за тоа денеска разговаравме , уште еднаш да ги охрабриме германските компании да продолжат со експанзијата на своите бизниси во Република Македонија. Дури 200 компании од Германија се партнери на македонските компании. Во своите фабрики во Република Македонија отворија 20 илјади работни места за нашите граѓани.

Работиме на тоа да биде потпишан договорот за взаемно признавање на возачките дозволи.

Многубројни се заедничките политики и иницијативи коишто постојат меѓу нашите две земји. Дозволете ми да издвојам само дел од оние кои се однесуваат на безбедносните прашања. Повеќе од 200 офицери на Армијата на Република Македонија се стекнаа со дополнителни вештини и знаења во Германската сојузна армија. Македонските војници се дел од единиците под команда на германскиот оперативен штаб во мисиите во Авганистан.

Република Македонија длабоко ги цени силните пораки на поддршка што доаѓаат од Сојузна Република Германија за нашите стратешки определби – а тоа се членството во НАТО и членството во Европската Унија.

Секако, нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и на решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име.

Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување секако и од нашите граѓани.

Едногласно е оценето дека Република Македонија ја заврши 2017 година исклучително како успешна приказна.

Со ветрот на новите политики и на одобрувањето за нив, влеговме и во затворање на долгогодишните недоразбирања со нашите соседи.

Желбата да им дадеме на светот и на Европа еден нов Балкан е силно поддржана од Сојузна Република Германија преку иницијативата „Берлински процес“. Оваа иницијатива е клучниот мотиватор за новата динамична регионална соработка на највисоко политичко ниво. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на канцеларката Меркел што го иницираше 
Берлинскиот процес и што Германија е еден од најсилните поддржувачи.

Многу е важно Германија и понатаму да остане посветена на оваа иницијатива, а ние, земјите од Западен Балкан, да продолжиме да испорачуваме резултати.

Ни претстои период во кој тие резултати треба да бидат испорачани како резултат на храбро лидерство и на стратешко обмислување на секој нареден чекор.

Ја очекуваме и понатаму поддршката на нашите пријатели од Сојузна Република Германија, и, еве, и во оваа прилика, уште еднаш ја поканувам канцеларката Меркел во текот на оваа година да ја посети Република Македонија, посетувајќи го и регионот на Балканот.“


Одговори на прашањата на новинарите на заедничката прес – конференција на премиерот Заев и канцеларката Меркел

Во рамките на официјалната посета на СР Германија, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со канцеларката Меркел имаа свои обраќања на заедничката прес-конференција во Берлин, а потоа одговараа и на новинарски прашања.

1. Канцеларке Меркел, вие го инициравте Берлинскиот процес кој предвидува пред сè, економска интеграција на 6 земји од западниот Балкан. Како тој процес ќе се развива во претстојниот период пред се во делот кон нашата земја, Република Македонија. Што тој ќе значи за Република Македонија?

Меркел: Овој Берлински процес, како што се нарекува, значи оваа редовна средба на различни земји членки на Европската Унија, еднаш во годината, доведе до тоа што контактите на сите земји од Западен Балкан се интензивираа. Тука би сакала да ја пофалам улогата на Бугарија, бидејќи Бугарија сега го има претседателството,  и таа повторно го искористува тоа за повторно да ги спои овие земји од Западен Балкан. Во мај ќе имаме средба со сите земји од Западен Балкан, и потоа ќе има ваква средба и во Лондон. Сакаме да продолжиме понатаму.

Што ни е потребно? Од една страна потребна ни е интерконективност, тоа значи проекти поврзани со транспортот.

Тука има иницијативи од сите земји, но за жал сеуште не сме дојдени до таму да луѓето можат да видат нешто практично.

Затоа работиме со Европската комисија, со институциите кои што даваат кредити, за да може се повеќе и повеќе кредити да бидат реализирани. Добро е, младинските организации да може да имаат средби меѓу себе. Тоа го сметам за многу значајно.

Имаме контакти и помеѓу научниците, имаме и поврзување, и мислам дека средствата на Европската Унија може да бидат искористени подобро за сите, а истовремено сопствената иницијатива на самиот регион се зголеми и двата ефекти мислам дека се многу добри. Ова се однесува на сите земји, се разбира и на Македонија.

2.Прашање за премиерот Заев: Во Црна Гора видовме дека имаше обиди од надвор приближувањето на таа земја во НАТО и ЕУ да се спречи. Може да се каже дека овие обиди доаѓаат од Русија. Дали гледате вакви обиди и во Македонија? И прашање за Канцеларката, можете ли да ни кажете кога очекувате земјите од Западен Балкан да бидат подготвени за влезот во ЕУ. Комисијата кажа 2025 година, дали сметате дека оваа бројка е реална?

Заев: Благодарам на прашањето. Навистина со внимание ги следевме случувањата во Црна Гора непосредно пред нивното полноправно членство во НАТО. Она што сакам да го искажам, ние сме мала земја, пријателска земја, позитивна земја, сакаме да градиме односи со сите, и секако сакаме да ги  подобриме и нашите односи со Русија. Но за Република Македонија нема алтернатива освен полноправно членство во НАТО и ЕУ.

Јас се надевам дека нема да имаме незгодни ситуации во Република Македонија, иако не можам да исклучам било какви обиди за заштита на било какви интереси во целиот овој регион. Целиот регион нема алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и НАТО, а веројатно тоа некогаш не му се допаѓа некому.

Но, јас сум убеден дека со силата на нашите граѓани, по пат на реформите кои што ги правиме, со поддршката која ја добиваме од Германија, од Европската Унија, за многу брзо време целиот овој регион ќе се придвижи кон полноправно членство и на НАТО и на ЕУ.

Меркел: Јас му го кажав и на Премиерот, ние сме насочени кон исполнувањето на условите. За мене не се во преден план бројот на годините, туку кога е постигната зрелоста за пристап и во однос на тоа има предлози, услови на Европската комисија. Ако тие услови бидат исполнети, може побрзо да дојде пристапот. Ако не се исполнети условите тогаш подоцна. Јас не би сакала да зборувам за бројки, туку тоа за брзината со која една земја ќе го направи тоа.

3. Би сакал подетална информација, став, околу спорот за името. Рековте дека сте имале разговор со грчкиот премиер Ципрас. Изворно се информиравте за грчката страна во преговорите. Денеска имавте разговор со македонскиот премиер Зоран Заев и изворно се информиравте за нас. Го споменувате мај како некој можен термин кога очекувате во Софија да чуете нешто ново в врска со името. Како од оваа дистанца ви се гледаат сега преговорите за спорот за името и каде сега треба повеќе да се притисне, кон Македонија или кон Грција за да се дојде до решение?

Меркел: Мојот став е дека проблемот треба да биде решен и притисок кај преговорите не е многу од корист. Имам впечаток дека после подолго време за прв пат и двете страни имаат интерес за решавање на ова прашање и тоа е добар предуслов. Инаку верувам дека и вие знаете, дека јавните изјави некогаш може повеќе да штетат отколку да користат. Им верувам на двете страни дека со оваа желба за решение на проблемот ќе бидат внимателни и грижливо ќе се однесуваат кон тоа. Секој треба да знае што може да даде.

Компромисите се секогаш болни. Тоа секој го знае од својот политички живот. Секој компромис што ќе мора да го направите е болен но тој мора да може да се реализира.

Токму тука треба да се најде патот. Тоа е висока уметничка, дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-конференции, туку треба зад затворени врати.

4. И Кина се обидува, преку 16 +1 Иницијативата, да има влијание врз земјите врз Западен Балкан. Дали ЕУ и Германија треба да одвојат повеќе за да може да останат тука во однос на перспективите? И дали сте вие отворени за инвестиции од Кина, премиере? Што очекувате, конкретно од економски инвестиции од ЕУ, за можеби да го намалите влијанието на кинеските инвестиции?

Меркел: Прво нема ништо што да се каже на прашањето дека Кина сака да има трговија не само со Германија, туку и со земјите од Западен Балкан. И дека во одредена мера ќе се инвестира. Ние секогаш се залагаме за отворена трговија. Тој однос со Кина е многу значаен, да има отвореност за сите страни.

Прашањето е дали економските односи се поврзани со политичките прашања. Мислам дека ова не е во контекст на отворена трговија, и второ на нас европејците ни треба многу повеќе време. Мислам дека не станува збор за парите туку за времето додека ние ги дадеме тие средства на располагање. Кога ќе го видам процесот, на пример Берлинскиот процес, колку се планира сето тоа, колку претходно се планира за нешто да може да се направи одредена исплата, не сме толку брзи, а луѓето очекуваат.

Јас го доживеав времето по германското единство. Не се поставуваат други прашања, туку се поставува прашање колку километри автопат се изградени, па така и луѓето од Западен Балкан го поставуваат тоа прашање. Тие само гледаат  да се вози по автопат. Значи многу е битно да се биде брз и да работиме на тоа.

Заев: Точно е дека интересот за регионот и за Западен Балкан и за целиот Балкански полуостров е голем. Присутна е Кина, присутна е Русија, присутна е Турција. Зборувам за големи земји, но како што реков нема алтернатива во регионот освен полноправно членство во ЕУ. Нашите граѓани се за полноправно членство во ЕУ не само затоа што сме на Европскиот континент, туку и затоа што веруваме и во вредностите на ЕУ. Затоа што и искреното пријателство на Германија и на земјите членки го гледаме секој ден преку поголемите грантови и донации, преку ИПА фондовите, преку она што значи поддршка за нашата инфраструктура, нашето образование, и нашето здравство, и сите други области кои што значат унапредување. Берлинскиот процес е само нова алатка која што дефинитивно ги дава своите резултати.

Западен Балкан, или Балканот веќе не е буре барут. Западен Балкан денес претставува мост на пријателство, многу блиску до ЕУ и до вредностите на ЕУ. ја почитуваме сета помош и поддршка кои што ги добиваме од ЕУ.

Поддршката која што ја добиваме од Европа, пред се од СР Германија, нашите граѓани исклучително ја ценат. Ги очекуваме новите проекти изградбата на коридорот 8 кој што треба да направи поврзување на Јадранското море преку Македонија со Бугарија се до Црното море па сè до Истанбул. Тоа се важни коридори кои што се развиваат и најголем дел од средствата доаѓаат или од грантовите преку ИПА, а тоа се пари и на граѓаните на СР Германија кои што се потрошени таму, но истовремено се и лесни или меки кредитни линии од ЕБОР, ЕИБ и сите други финансиски институции на ЕУ.

Ние остануваме целосно посветени на патот кон полноправно членство во ЕУ.