22/11/2024
Македонија

Заев – Филипче: Празнувај одговорно, да го чуваме здравјето додека ја чекаме вакцината против КОВИД-19

„Владата на денешната седница донесе одлука да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет мерки и препораки, за период од 18 декември до 20 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од КОВИД-19 во претстојниот период на празници“, информираше премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која заедно со министерот за здравство ги соопштија најновите рестриктивни мерки и го најавија почетокот на владината кампања „Празнувај одговорно“.

Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти кои ќе работат до 18:00 часот, забрана за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, од страна на општините, работните организации, и забрана за работа до 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти. Со мерките се опфатени и јасни препораки до верските заедници, да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.

Премиерот Заев објасни дека овие мерки се носат со цел да празнуваме одговорно за заштита од КОВИД-19 во пресрет на новогодишните празници и апелираше за почитување на истите.

„Апелирам оваа година да празнуваме одговорно. Ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме. Секој од нас е повикан да биде одговорен за да не предизвикаме нов бран на епидемијата – токму сега кога сме на чекор до масовната вакцинација после која целиот свет очекува да се вратат нормалните услови за живот, работа и развој. Апелирам да се издигнеме над поединечниот личен интерес“, порача премиерот Заев и додаде дека државната помош и поддршка за најзагрозените сектори е во тек.

Министерот за здравство Филипче информираше за актуелната состојба и упати апел да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18:00 часот, за да се избегнат ризиците од формирањето на групи на граѓани. Осврнувајќи се на вакцината министерот Филипче рече дека земјата е подготвена за прием, дистрибуција и вакцинација за КОВИД-19.

„Во посета на сите економски оператори кои имаат капацитет за чување и дистрибуција на вакцините се уверив дека капацитетите се подготвени, останува во јануари да пристигнат и специјалните фрижидери кои ќе ја чуваат вакцината на „Фајзер“ која се складира на -70 степени преку донација. Со тоа ќе бидеме целосно подготвени. Активни сме на три полиња за набавка на вакцини. Едниот КОВАКС системот каде набавивме над 800 илјади дози за 400 илјади граѓани. Апелирам граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести. Вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин исто како и сите други вакцини кои денес ги користиме. Вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани, приоритет ќе имаат здравствените работници, возрасните над 65 години и оние граѓаните со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести“, посочи Филипче и додаде дека се следи и состојбата во регионот каде има некои трендови на забавување, но се уште има голем број на ново дијагностицирани и починати лица: Хрватска 65 починати во изминатото деноноќие, 44 во Словенија, 60 во Грција.

На прес-конференцијата премиерот Заев потсети дека државата во континуитет се грижи за граѓаните и го поддржува стопанството со мерки кои се применуваат во целиот свет.
 


Премиерот Заев: Празнувај одговорно, да го чуваме здравјето додека ја чекаме вакцината против КОВИД-19

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев заедно со министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот за здравство Илир Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, одржа прес-конференција на која ги соопштија најновите рестриктивни мерки и го најавија почетокот на владината кампања „Празнувај одговорно“. 

Во продолжение ви го пренесуваме целосното обраќање на премиерот Заев:

„Се наоѓаме пред нов предизвик од нашата битка со пандемијата со КОВИД-19.
Соочени со изборот – да продолжиме со превентивните здравствени политики и со чекори за излез од кризата, сега кога вакцината е на чекор до нејзината испорака – или да влеземе во ризик со неодговорно празнување на новогодишните празници што се пред нас – Владата на денешната седница донесе одлука да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки и препораки, за период од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од КОВИД-19 во претстојниот период на празници.

Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, а имаме и јасни препораки до верските заедници, до работните организации и препораки за работата на рестораните во хотелските објекти.

Владата донесе одлука угостителските објекти да работат до 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега. Целта на оваа мерка е да издржиме сите уште малку преку ваквите рестрикции и да не дозволиме заради празнување да предизвикаме ескалација. Мерката носи име ПРАЗНУВАЈ ОДГОВОРНО, а целта е заштита од КОВИД-19, во предвечерјето на вакцинацијата. За сите други мерки ќе информира министерот Филипче во продолжението на оваа прес конференција.

Почитувани граѓани,

Ситуацијата налага акција, и ние, како одговорна Влада на која здравјето на граѓаните ѝ е во прв план, токму затоа ги преземаме овие дополнителни рестриктивни мерки за време на верските и  новогодишните празници.

Апелирам оваа година ДА ПРАЗНУВАМЕ ОДГОВОРНО. Ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме. Секој од нас е повикан да биде одговорен за да не предизвикаме нов бран на епидемијата – токму сега кога сме на чекор до масовната вакцинација после која целиот свет очекува да се вратат нормалните услови за живот, работа и развој.   

Апелирам да се издигнеме над поединечниот личен интерес.

Знам дека мерките што ги усвоивме не се популарни, но нашиот, а и вашиот избор е ставен меѓу поединечниот и краткотраен интерес за време на новогодишните и Божиќните празници и конечниот излез од заканата и последиците од КОВИД-19 без дополнителни последици по здравјето и по животот. Овој пат мораме да избереме меѓу задоволството и профитот од една страна и одговорноста и здравјето од друга страна. 

Тука морам да потсетам дека до сега не изостана помошта и поддршката на најзагрозените сектори, вклучувајќи го и угостителскиот. 

Само преку мерката финансиска поддршка за исплата на плати поддржани се околу 200.000 вработени граѓани вклучувајќи ги и оние вработени во угостителството и туризмот. 

Со бескаматните кредитни линии на Развојната банка, во стопанството се вложени финансиски средства од 13.5 милиони евра кои се доделени на околу 1.400 компании, со 18 илјади вработени и тоа од најпогодените сектори: туризмот, угостителството и транспортот на патници, кои беа први на ударот на кризата. Дополнително, преку Развојна банка се ставија на располагање на приватниот сектор 50,9 милиони евра поволни кредити од Европска инвестициона Банка кредитната линија за проекти на 189 компании кои треба да вработат нови 605 лица.

Минатата недела заврши рокот за аплицирање на петте јавни повици кои ги објави Министерството за економија, а се однесуваат за мерките за поврат на платена туристичка такса за 2019 година, како и директни грантови за туристички агенции, туристички водичи, игротеки и ноќни клубови. 

До крајниот рок пристигнаа над 1.000 апликации, и сите кои што аплицирале ќе добијат финансиска помош.

Владата останува во постојан дијалог со овој сектор за креирање мерки кои ќе имаат најдобар резултат и  во наредниот период.

Почитувани граѓани,

Сега е најважно да се фокусираме на мерките кои ќе го спречат ширењето на пандемијата – само така ќе се создадат услови за закрепнување во сите сектори.

Затоа ги носиме овие мерки и тие мора да се почитуваат за да даваат резултати. 

Активиран е целиот медицински кадар којшто е на располагање, којшто може да волонтира или пак да се приклучи. Се користат сите ресурси и се прави соодветна организација. 

Вклучени се и капацитетите на приватните здравствени болници во јавното здравство, но добро е што засега таму нема потреба од испраќање пациенти што е уште еден добар сигнал. Правиме сѐ така да остане, но, тука се за секој случај.

Имаме добри вести за вакцините. 

Во борбата со справување си пандемијата од КОВИД-19, секој ден сме чекор поблиску до КОВИД вакцината.

Преку Ковакс механизмот обезбедуваме 833.000 вакцини. Дополнителни количини ќе бидат обезбедени преку директни преговори со компаниите кои ги создадоа вакцините, како и преку Европската Унија која ќе обезбеди дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. 

Западен Балкан, ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки. A, нашиот сосед Грција интензивно работи да ја добиеме вакцината заедно со останатите европски држави.

Штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја  примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, а потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Потоа, како и многумина граѓани, ќе се вакцинирам и јас зашто сакам со свој личен пример да дадам поддршка во напорите за сузбивање на КОВИД-19. 

Нашата држава го следи секој чекор на развој од сите клинички студии за вакцината – верувам во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне имунитетот на луѓето. Граѓаните треба да бидат спокојни, државата нема да штеди за оваа намена – ние веќе уплативме авансот за набавка на 833 илјади вакцини. 

Ова се добри вести вест што следната година верувам дека ќе ја сменат целокупната слика за пандемијата во светот.

Затоа, да ја пречекаме новата година како одговорни граѓани и да ги празнуваме божиќните празници со пораката што е содржана во нивната суштина – надежта и вербата во подобро утре.  

Се согласувам дека оваа година нема да ги добиеме вообичаените економски придобивки од празниците, ама да не заборавиме дека ќе добиеме нешто многу повеќе. Нешто многу поскапоцено. Нешто што секогаш си го посакуваме кога наздравуваме за време на овие празници:

Среќни празници и нека е за многу години и првата желба секогаш ни е – Здравје.

Здравје, а другото ќе си дојде.

Нека биде таа здравица и оваа година доминантна и нашиот патоказ за излез и за многу заеднички следни празници. За многу следни години. За многу години.

Да и дадеме шанса на 2021 година да ни ја донесе надежта и деновите исполнети со нашите секојдневни и вообичаени радости.

Да бидеме одговорни за празниците. Празнувајте одговорно!

Благодарам.“