22/11/2024
Македонија

Заев: Горди сме на изборот за европска иднина и упатуваме порака до нашите пријатели од ЕУ – Доаѓаме дома!

Владата на Република Северна Македонија денеска, организираше свеченост по повод 9-ти Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, како и по повод најавата на јубилеите, 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната Војна и 75. годишнината од Првото заседание на АСНОМ.

На настанот, на кој присуствуваа борки и борци, владини претставници, пратеници, следбеници и продолжувачи на традициите на народно-ослободителната борба и на Сојузот на борците и дипломатскиот кор во земјата, премиерот Заев ја истакна големината на денешниот датум, кој како што рече е впишан со трајни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците и истовремено повод да се најави славењето и на нашите големи јубилеи – 70. години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната Војна и 75. годишнината од Првото заседание на АСНОМ.

„Ми припадна голема чест и истовремено гордост, како продолжувач на традициите, и како претседател на Владата на Република Северна Македонија, да Ви се поклонам Вам и на Вашето дело. Големо дело. Дело кое ја заврши вековната борба и стремеж на македонскиот народ и на сите граѓани за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое создаде државност паралелно со победата над фашизмот. Дело кое значи заедничка победа на прогресивните народи на Европа“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Премиерот Заев се осврна на историскиот 9 мај 1950 година, кога  францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман,  повика да почне изградбата на нова Европа и кога како што подвлече премиерот, лидерите на европските земји ја посеаја идејата за Европската Унија и избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта. 

Истакнувајќи дека граѓаните на Северна Македонија се горди на изборот за европска иднина и нејзините вредности , премиерот Заев ги честиташе двата празника, Денот на Европа и победата над фашизмот и го најави чествувањето на нашите големи јубилеи – 70. години од основањето на Сојузот на борците од Народноослободителната Војна, и 75. годишнината од Првото заседание на АСНОМ, упатувајќи порака до нашите пријатели  од Европската Унија: „Доаѓаме дома!“.

Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија, Никола Стојановски, во своето обраќање  ги поздрави присутните, потенцирајќи дека премиерот Заев, кој е член од редовите на продолжувачите на Сојузот на борците со задоволство ја примил нивната покана, тој да биде покровител на одбележувањето на 70. годишнината од формирањето на Сојузот.

Стојановски ја истакна големата улога на борците од Народноослободителната војна за создавањето на државата, сеќавајќи се на работата и функционирањето на Сојузот на Здруженијата од НОВ, како и на нивните активности кои се втемелени во државноста на нашата земја.

„Сојузот на борците срдечно ги поздравува сите определби за мир, демократија и просперитет на нашата држава, Република Северна Македонија, на патот во НАТО и Европската Унија“, порача Стојановски упатувајќи честитки по повод празникот.

Во свеченото одбележување на денешниот ден, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа се вклучија и стотина деца од неколку основни училишта, кои во зградата на Владата вееја европски и знамиња на Република Северна Македонија.


Обраќање на ПВРСМ Зоран Заев по повод 9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот и по повод најава на јубилеите – 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народноослободителната Војна и 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ: Ги избравме вредностите на Европа и ЕУ и затоа имаме силна причина да славиме

Премиерот Зоран Заев, денеска, во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија се обрати на настан по повод одбележувањето на 9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот и по повод најава на јубилеите – 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народноослободителната Војна и 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ. Во продолжение Ви го пренесуваме неговото обраќање, интегрално:

„Другарки и другари, борки и борци,

Почитувани министри во Владата на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници на Собранието на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор во нашата земја,
Почитувани следбеници и продолжувачи на традициите на народно-ослободителната борба и на Сојузот на борците,
Дами и господа,

Денеска одбележуваме и славиме голем ден, 9 мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа.

Овој голем датум, впишан со трајни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците, е повод денеска да најавиме славење и на нашите големи јубилеи – 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната Војна, и 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ.

Ми припадна голема чест и истовремено гордост, како продолжувач на традициите, и како претседател на Владата на Република Северна Македонија, да Ви се поклонам Вам и на Вашето дело.

Големо дело. Дело кое ја заврши вековната борба и стремеж на македонскиот народ и на сите граѓани за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое создаде државност паралелно со победата над фашизмот. Дело кое значи заедничка победа на прогресивните народи на Европа.

Почитувани,
На 9 мај 1950 година, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман,  повика да почне изградбата на нова Европа.

Врз пепелот и чадот од војната кој сè уште се креваше над домовите на Европејците и на македонските граѓани, започна остварување на една визија за Европа со која засекогаш ќе се оневозможат идните големи, опустошувачки војни. 

Лидерите на европските земји ја посеаја идејата за ЕУ и избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта. 

Тој избор пред граѓаните и на нашата земја го направија и борците од Народно-ослободителната борба. Го победија фашизмот на територијата на нашата земја, а со тоа и во Европа, и ни дарија држава која во својата повоена историја тргна по патот на соработката и солидарноста и стигна пред портите на Европската Унија.  

Денеска и граѓаните на Република Северна Македонија се горди на својот избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија – Избор што му припаѓа на секој европски граѓанин.

Ние, граѓаните на Северна Македонија ги избравме Европа и Европската Унија затоа што се изградени на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние.
И затоа денеска имаме силни, големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа. 

Почитувани,

Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење? 

Нашите борци и сите наши претходни генерации, оние што ја извојуваа и што ни ја подарија државноста и слободата да живееме во неа, не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето, не ја создадоа да ја уживаат само некои што си замислиле дека се избрани и за привилегирани. 

Македонската држава беше создадена како дом на слободата, дом на заедништвото и меѓусебното почитување. За сите нејзини граѓани. Држава на сите и за сите.

Токму како што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа.

Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на нашата земја, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Ние имаме должност да го развиваме нашиот патриотизам, да го правиме прогресивен, да биде пример во ова ново време, за младите и за идните генерации. Тие ќе ги слават нашите дела само ако постигнеме резултати со кои ќе го направиме нивниот живот подобар. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата борци од антифашистичката и народноослободителната борба.

Затоа во изминатите две години, после сите последни премрежија и искушенија, презедовме крупни, храбри чекори да направиме од нашата држава дом за сите. Европски дом за сите затоа што Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа.

Низ крупните чекори, го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција, и преку јасни изрази во преамбулата на Уставот. 

Наскоро ќе стоиме пред јарболот во седиштето на НАТО, кога ќе се издига македонското знаме – ќе стоиме гордо, затоа што химната, грбот и знамето остануваат засекогаш во кодот на нашиот идентитет. Исто како и нашата територија, јазикот, именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство – јасно и гордо, македонски. 

Почитувани сограѓани, борци и соборци, вљубеници во слободата,

Време е да се биде дел од историјата што ќе се памети, што ќе биде инспирација и ќе се слави.

Борците на НОБ, ни ја дарија држава за да ја чуваме, да ја развиваме, и на светот да му ги подариме скапоцености на македонското културно наследство, нашето заедништво, културата на сите наши народи, историјата и традициите.

Оваа генерација направи избор и ја потврди определбата за нашата иднина во семејството на најмоќниот воено-безбедносен сојуз – НАТО, и во домот на најмоќната економска заедница – Европската Унија. 

Тоа е нашиот избор и наш повик за посигурна, безбедна и просперитетна иднина за нашите млади и за нашите идни генерации.

Ја избравме иднината во Европската Унија за да им дадеме причини за славје на нашите идни генерации кога ќе ги оценуваат нашите постапки.
Обединети и единствени околу европските вредности можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време.

Со еден таков пристап, денеска, кога им упатуваме честитки по повод Денот на Европа, по повод Победата над фашизмот, и кога во светлината на овој датум – 9 мај – најавуваме одбележување  и нашите големи јубилеи – 70 години од основањето на Сојузот на борците од Народно-ослободителната Војна, и 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ, ја упатуваме и пораката до нашите пријатели од Европската Унија – Доаѓаме дома!
Благодарам“.