Заев и Анѓушев во Пробиштип, во посета на словенечката фабрика „Таб Мак“
Премиерот Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, вчера, заедно со градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов ја посетија словенечката фабрика „Таб Мак“ за оловно-киселински акумулатори во Пробиштип, остварија средба со менаџментот и извршија увид во градежните работи на новиот производствен капацитет.
Премиерот Заев по обиколката на погоните, посочи дека „Таб Мак“ со 440 вработени во моментот и планирани 530 вработени до завршувањето на инвестицијата е меѓу најголемите работодавачи во земјата.
„Станува збор за една од најбрзо растечките компании во земјата, која за нас слободно може да биде пример за сите идни инвеститори во Северна Македонија, која на најдобар можен начин ги користи придобивките од програмите на Владата за поддршка на инвестициите“, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека „Таб Мак“ произведува широк спектар автомобилски и камионски акумулатори, и од 77 илјади и петстотини парчиња во 2012 година, ја достигна бројката од еден милион и двесте и дваесет илјади во 2018 година, а за оваа година е планирано да бидат произведени еден милион и 700 илјади парчиња. По завршување на новата инвестиција следната година, компанијата планира производство од три милиони акумулатори.
„Станува збор за компанија која максимално ја почитува обврската да создава услови за профит, но и за општествено одговорна компанија која се грижи за животната средина и за безбедноста и здравјето на вработените и за нивната мотивираност. Со овие свои политики компанијата е значаен партнер на општината и на граѓаните од регионот“, додаде премиерот Заев.
Словенечката инвестиција како важна за развојот на Пробиштип и регионот ја оцени и вицепремиерот Анѓушев.
„Благодарен сум на менаџментот на „Таб Мак“ што ја донесоа одлуката новата инвестиција да ја направат во нашата држава, бидејќи кога ги водевме разговорите, тие имаа повеќе опции, повеќе држави, но го препознаа Законот како исклучително конкурентен и своето проширување го направија токму тука“, истакна Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека за развојот на економијата во нашата држава и за развојот на Бруто домашниот производ и квалитетот на живот на сите граѓани влијаат овие инвестиции и најави уште еден таков објект што се гради во моментот во Пробиштип.
„Во компанијата „Кранфилд“, којашто гради леарница и ќе бидат вработени 280 луѓе. Тие очекуваат своето пробно производство да го направат во септември оваа година, а нивната инвестиција исто така е над 15 милиона евра. Тие сега веќе ги завршуваат своите инвестициони активности. Она што сакам да го кажам е дека „Кранфилд“ беше компанија со којашто беше разговарано претходно, меѓутоа освен сликањето немаше нешто многу друго направено“, додаде заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Анастасов истакна дека секоја нова инвестиција значи зголемување на вработените и директно влијае за подобрување на економскиот статус на граѓаните на оваа општина.
Премиерот Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов придружувани од државниот секретар во Министерството за финансии на Република Словенија Метод Драгоња, вчера, присуствуваа и на свеченоста по повод ревитализација и автоматизација на постоечки објекти за снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење во Општина Пробиштип, со кои се решава проблемот со водоснабдувањето за жителите на оваа општина. Проектот во вредност од 1.200.000 евра е остварен со учество од 600.000 евра од Владата на Република Северна Македонија и исто толку од Владата на Република Словенија и словенечкиот Центар за меѓународен развој и соработка.