22/11/2024
Македонија

Заев ја доби Наградата за човекови права 2020 од Фондацијата Фридрих Еберт

Претседателот на СДСМ Зоран Заев по повод втората годишнина од потпишувањето на Преспанскиот договор, од Фондацијата Фридрих Еберт ја доби Наградата за човекови права за 2020 година.

Фондацијата Фридрих Еберт ја цени личната посветеност на претседателот Заев за склучувањето на Договорот од Преспа, како и неговите напори за европска иднина и слободно и отворено општество.

По долгогодишната авторитарна регресија во регионот, оценуваат од Фондацијата, лично Зоран Заев претставува пресврт, нудејќи надеж на прогресивните сили во Југоисточна Европа.

„Фондацијата ФридрихЕберт му ја доделува наградата на Заев, во знак на признание за неговиот придонес кон мировната политика, заснована врз склучување на Договорот за пријателство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот Договор со Грција во 2018 година. Со тоа конечно, после 27 години, решена е блокадата на Северна Македонија за членство во НАТО и почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ“, се вели во денешното соопштение на Фондацијата.

Договорите, наведуваат од Фондацијата, претставуваат клучна пресвртница на патот кон подобри услови за живот за сите граѓани.

„Заев посветенo се залага за слободно, отворено и социјално општество. Неговата одлучна реформска политика не само што придонесе кон мирот и стабилноста, туку исто така, значи огромен чекор за државата кон ЕУ“, оцени Курт Бек, претседател на Фондацијата Фридрих Еберт истакнувајќи ги достигнувањата на Заев како особено значајни во однос на европскста интеграција.