Заев: Ја стабилизиравме државата, нашата цел се инвестиции за долгорочен економски развој
Почитувани претставници на Сојузот на стопански комори на Република Македонија, организатори на овој значаен Форум посветен на инвестициите за долгорочен економски развој, почитувана претседателке на Комората Даниела Арсовска,
Почитуван претставник на УСАИД за Македонија, Дејвид Атебери,
почитуван Љубомир Димовски, проектен координатор на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, во чиишто рамки се одржува Форумот, и други претставници на УСАИД,
Почитувани претставници на Стопанската комора на северозападна Македонија и МАСИТ, вклучени во овој проект,
Почитувани присутни од ЕБОР, амбасадори, претставници од Владата, од институциите, од бизнис секторот, стопанственици, странски експерти, професори,
Почитувани претставници на медиумите, драги граѓани,
Ја стабилизиравме финансиски државата, ја поставивме на пат на одржлив развој, а нашите амбиции се токму тоа што е тема на овој Форум – обезбедување инвестиции за долгорочен економски развој на Република Македонија.
Благодариме на УСАИД и на нашите партнери од меѓународната заедница што ни помагаат во овие наши заложби како Влада, што се неопходност, за да обезбедиме вистински квалитетен живот за граѓаните на Република Македонија.
Ги оставивме во минатото практиките на често менување на законите, без консултација со бизнис заедницата и со јавноста, што создаваше непредвидливост.
Денес законите се менуваат во транспарентна постапка, низ јавни расправи, како што се случи тоа, на пример, со измените на Законот за јавни набавки, при што за јавните дебати сериозна поддршка обезбеди токму УСАИД.
И граѓаните, и домашната бизнис заедница и нашите партнери од меѓународната заедница гледаат сериозни демократски промени во постапката на носење на законите. Со тоа, обезбедуваме предвидливост за инвеститорите и градиме, како држава, партнерски однос на доверба со нив.
Затоа што ние знаеме, дека, ако работат бизнисите, ќе има и нови, и подобро платени работни места.
И затоа се определивме финансиски да ги помогнеме претпријатијата, со сериозна државна буџетска поддршка, којашто речиси и да не постоеше досега. Предлог законот за финансиска поддршка на инвестиции, со којшто за прв пат државата поддржува домашни фирми веќе е во парламентарна процедура.
Државата, со овој закон се обврзува на поддршка на претпријатијата што ќе исплаќаат плата повисока од 18.000 денари, ќе вложуваат во изградба на нови производни капацитети и ќе отворат нови работни места.
Многу скоро очекувам да стартува и повикот за поддршка на малите и средни претпријатија, од страна на Фондот за инвестиции и технолошки развој.
Го изедначивме третманот кон домашните и кон странските инвеститори. И на исто таков транспарентен начин државата ги поддржува и странските инвестиции.
Во постојани консултации сме со вас како стопански комори и со нашите европски партнери и експертите од САД затоа што сме ориентирани и кон соодветна регулатива и кон соодветна клима, во функција на инвестициите.
За да ги мотивираме бизнисите, нашите политики се насочени и кон поддршка на обезбедување што поквалификувана работна сила и надоместување на трошоците за промени во начинот на функционирање на домашните фирми, со цел да можат да се прилагодат и да соработуваат со странските инвеститори во Македонија, а поддржуваме и извозна конкурентност.
Сведоци сте дека ја ослободивме и деловната бизнис клима. Нема повеќе притисоци и закани врз фирмите, напротив тие можат во еден слободен амбиент да ги развиваат своите бизниси и тоа ќе остане наш императив во работењето.
Се справивме успешно и со огромните напластени долгови во минатото и ја стабилизиравме деловната клима. Еден од значајните показатели е брзото и неселективно враќање на повратот на ДДВ на фирмите, коишто бележат зголемена ликвидност.
Министерството за финансии, токму поради таа постигната стабилизација и подобрувањето на угледот на Македонија од страна на кредитната агенција Фич, на почетокот на годината ги намали каматните стапки на издадените државни хартии од вредност. Минатиот месец и Народната банка ја намали референтната каматна стапка. И вие знаете, намалувањето на каматните стапки е добро за фирмите, бидејќи им овозможува повеќе да инвестираат, а со тоа ќе отвораат и нови работни места.
Ние како влада веќе донесовме одлука, Македонската банка за поддршка и развој да пласира 100 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка за домашните мали и средни претпријатија. А сакам да знаете и дека креираме рамка, каматните стапки на овие кредити да бидат поповолни од кога било до сега.
За Република Македонија е многу важно глобалната економија да закрепнува, затоа што речиси 80 проценти од извозот од Македонија оди кон нашиот најважен трговски партнер ЕУ, а речиси половина од тој извоз оди кон нашиот голем пријател, Република Германија. И добро е што има подигнување на проекциите на глобален економски раст, од страна на реномираните меѓународни институции.
Но почитувани граѓани и почитувани бизнисмени,
Сакам со најголема сериозност сите да прифатиме уште две важни работи коишто ги кажувам на крајот за да останат запаметени, па и во таа насока понатаму да ја водиме дискусијата.
Прво – од исклучителна важност е регионалната економска соработка, којашто отвора и тоа какви перспективи за нови фирми, нови претпријатија, нови работни места. Допрва ќе се вложува во меѓудржавната инфраструктура, гасификација, дигитализација што ќе ја олесни соработката меѓу фирмите, протокот на луѓе и стоки. Тоа се сериозни шанси за вашите постоечки бизниси и за новите бизниси. И затоа на ова не гледајте како на обврска кон ЕУ, туку како на отворени можности за економски развој и бенефит и за фирмите, и за вработените, и за државата, и Второ – почитувани граѓани и присутни,
ЕУ и НАТО за Република Македонија се демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, но ЕУ И НАТО ЗА МАКЕДОНИЈА СЕ ПРЕД СЕ ЕКОНОМИЈА И ПОДОБАР ЖИВОТ ЗА СИТЕ, ДОМА.
За инвеститорите, ЕУ и НАТО интеграциите се најважните показатели дека земјата се движи во вистинската насока, дека е стабилна и дека ќе има добра иднина.
НАТО е најсилниот гарант за безбедноста на една држава, а за инвеститорите е поважна безбедноста од сите услови и процедури за отворање фирма.
Искуството во земјите од регионот, како на пример во Бугарија и Романија, дури и искуството на најмладата земја членка на НАТО, Црна Гора, покажува дека за многу кус период, од неколку месеци, до неколку години по интеграцијата, странските инвестиции многукратно се зголемуваат.
Па погледнете само што постигнавме за 10 месеци ние со нашите реформски политики и политиките на пријателства што ги отворија евро-атлантските перспективи. Имаме над 10 потпишани договори за инвестиции, со 20-тина сме во завршна фаза, а разговараме со дури двесте (200) компании.
Драги граѓани, домашни и странски стопанственици, пријатели од меѓународната заедница:
Македонија заедно ја поставивме на евро-атлантскиот пат. Македонија се развива. Создаваме услови и ќе обезбедиме долгорочен економски развој во нашата убава Република Македонија.