21/11/2024
Македонија

Заев на Самитот на ЦЕИ во Рим

Во духот на солидарноста и регионалната соработка, членките на Централно европската иницијатива, од кои голем дел се и земји-членки на ЕУ, се двигатели на процесот на целосна интеграција на Западен Балкан во Европската унија и видливоста на оваа заложба високо на агендата на ЕУ по октомврискиот Самит на Европскиот Совет е големо охрабрување за нас и се надевам дека овие напори ќе дадат резултати, нагласи Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во своето обраќање на Самитот на ЦЕИ, што се одржува денеска во Рим.  

„Огромно е мнозинството на оние кои се уверени дека нашата земја требаше да ги започне преговорите со ЕУ како признание за вложените напори и постигнатите резултати во реформите, и како потврда за  правилниот избор направен со договорот од Преспа. Идејата за нова методологија за проширување на ЕУ е оправдана само доколку процесот стане поефективен, поверодостоен и ако произведува повеќе материјални придобивки за земјите кандидатки за членство во унијата. Затоа ние апелираме за брз консензус меѓу земјите членки на ЕУ за принципите и елементите на новата методологија, што ќе отвори начин и за усвојување на одлука за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија. Нашиот приоритет останува да ги започнеме преговорите за пристапување што е можно поскоро. Донесувањето на одлука до март ќе создаде многу поволна динамика во нашата земја“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на ЦЕИ. 

Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев потенцираше дека  на Западен Балкан му е потребна јасна и видлива перспектива за пристапување кон ЕУ за да го консолидира напредокот, да се обезбеди безбедност и да се постигне натамошен развој. 

ЦЕИ оваа година ја одбележува 30-годишнината од формирањето и ја потврди потребата за поголема регионална соработка која се збогати со бројни формати и иницијативи како што се Процесот за соработка на земјите од југоисточна Европа, преку Советот за регионална соработка, Берлинскиот процес, Јадранско-јонската иницијатива и многу други. 

„Оваа година, кога ЦЕИ слави 30-годишнина, Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО, достигнување кое е овозможено заради реалната посветеност за подобрување на добрососедските односи, инвестиции во градење вистински партнерства и доверба.  Се надеваме дека во многу блиска иднина ЕУ ќе одлучи да започне преговори за пристапување врз основа на испорачаните резултати што ги направи нашата земја“, рече премиерот Заев во своето обраќање на Самитот на ЦЕИ во Рим, и додаде дека е уверен дека во наредниот период ЦЕИ ќе продолжи да се надградува со нови и подлабоки форми на соработка меѓу земјите членки во различни области.