Заев: Обезбедуваме уште поголема поддршка за компаниите, да отвораат нови работни места за младите
Изјава за медиуми,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Почитувани,
Чест ми е што денеска сум во посета на реномирана компанија, компанијата МакТаб која е успешна приказна на нашиот домашен пазар.
И на оваа средба како и на многуте средби што ги имав досега, пред менаџментот, пред бизнис секторот од овој крај ја претставувам нашата понуда, нашиот концепт за нова развојна економија.
Целта е компаниите да напредуваат и да ги зголемуваат своите инвестиции, да го зголемуваат своето производство и да освојуваат нови пазари, да инвестираат во иновации, со тоа и платите ќе растат и граѓаните ќе имаат повисок животен стандард.
Во изминативе 3 години покажавме што е тоа економски патриотизам и како се почитуваат и вреднуваат сите претпријатија и домашни и странски.
Едно од нашите ветувања беше да ги изедначиме условите за инвестирање на домашните и странските компании. Денес и домашните компании и странските, добиваат голема поддршка од државата да започнат нови инвестиции, да отвораат нови работни места, да ги зголемуваат платите на вработените.
Затоа, во следните 4 години обезбедуваме поддршка на компаниите во висина од 600 милиони евра, 300 милиони евра буџетски средства и 300 милиони евра од европските фондови.
Данокот на добивка останува на ниво од 10% во следните 4 години, но истовремено, го подигаме прагот на ДДВ од 2 милиони на 3 милиони денари годишен промет од 2022 година.
Ова се само дел од мерките важни за трансформацијата на новата македонска економија која ќе се базира на технолошки развој, одржливост и мотивиран човечки капитал.
Затоа изборот на граѓаните и компаниите на 15 јули е јасен. Изборот е помеѓу навремен и неселективен поврат на ДДВ на компаниите или доцнење, уцени и закани кон фирмите.
По 15 јули заедно продолжуваме на правиот пат, на патот кој води напред кон економски раст и развој кој генерира раст на компаниите и подобар животен стандард на граѓаните.