Заев од „Преспа форумот за дијалог“: Балканот е нова надеж на Европа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска во Охрид, се обрати и официјално го отвори првиот „Преспа форум за дијалог“, на тема „Патот до Преспа“.
Во своето обраќање тој потсети на искуствата од минатото кога регионот на Западен Балкан беше место каде се градеа ѕидови и се осврна на сегашноста кога државите од регионот поставуваат нови стандарди и градат мостови.
Како што рече тој, со Договорот од Преспа светот доби еден нов Балкан, европски, Балкан кој покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднакво вреден и еднакво важен дел од напредниот свет.
„Во времиња на големи глобални и идеолошки пресвртници, радикализации и неизвесност, ние станавме испорачувачи на решенија и мир. Внесовме надеж. Нема нешто што еден лидер би сакал повеќе да остави зад себе, за својата земја”, порача премиерот Заев.
Покрај премиерот Заев, на официјалното отворање се обраќаат и поранешниот премиер на Република Грција Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со името, специјалниот пратеник на Генералното Собрание на ООН Метју Нимиц, помошниот државен секретар на САД Филип Рикер, еврокомесарот за буџет Јоханес Хан, францускиот дипломат и амбасадор Ричард Ле Рој, Федерика Могерини поранешна висока претставничка на ЕУ и Џорџ Робертсон поранешен генерален секретар на НАТО, претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Во прилог интегралното обраќање на премиерот Зоран Заев:
„Јасно ми е дека застарените искуства велат дека во политиката нема пријателства, туку само – интереси.
Ако беше така и ако слепо се држевме на искуствата и на минатото, ве предизвикувам да замислите дали ќе имаше решение ако мислевме само на интересите на двете земји одделно?
Во потрагата по одговор на ова прашање си поставивме уште неколку други прашања:
Што е, ако не е пријателство, кога се грижите со истата посветеност за интересите на вашиот политички партнер, како и за своите?
Што е, ако не е пријателство, кога ви станува најважно да создадете атмосфера во која најотворено ќе се разговара за прашања за кои преовладувал став дека нема решение?
Токму затоа, и јас и мојот пријател Алексис Ципрас, тогаш премиер на Грција, се зарековме дека ќе воспоставиме таква пријателска атмосфера која ќе ја негуваме како еднакво важна на решението кон кое стремите.
Оваа наша определба се покажа дека не се сите стереотипи правило и дека кога се кршат се создaва енергија за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите.
Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис.
Сега ќе ми дозволите да ги поздравам почитуваните и драги гости, пријатели, колеги, претставниците на медиумите, граѓаните.
Голема е честа да ви посакам добредојде од ваков блескав момент. Тука сме после три години од склучувањето на Договорот од Преспа. Три години од потпис кој направи историски пресврт во македонско-грчките односи и ја одблокира евро-атлантската интеграција на Северна Македонија.
Среќен сум и горд што меѓу нас се дел од клучните луѓе кои со своите ангажмани и посветеност беа пресудни учесници во процесот, на патот до Преспа.
Многу е убава глетката на олкав голем број наши пријатели, кои беа гласни и храбри поддржувачи на сите наши патешествија во оваа приказна.
Ви благодарам од срце, што верувавте во нас и во можноста да најдеме решение дури и тогаш кога многумина велеа дека се исцрпени сите опции.
Но, еве, денес, ние сме НАТО. Денес, Северна Македонија е рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот.
Покажавме дека е можна промена.
Од заробена држава, станавме современ пример кој сите го нарекуваат успешна приказна. Од држава со авторитарни тенденции, со ускратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и се унапредува со секој изминат ден. И еве, денес, горд сум што низ „Преспа форумот за дијалог”, создаваме и извезуваме нови демократски вредности.
Од денешна перспектива јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем.
Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка.
И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно!
Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите.
Најважно, му дадовме на светот еден нов Балкан. Европски. Балкан кој, еве, покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет. Во времиња на големи глобални и идеолошки пресвртници, радикализации и неизвесност, ние станавме испорачувачи на решенија и мир. Внесовме надеж. Нема нешто што еден лидер би сакал повеќе да остави зад себе, за својата земја.
Почитувани,
Во мандатот на оваа Влада имав чест да објавам повеќе добри вести. Една од најдобрите беше решавањето на спорот помеѓу Северна Македонија и Грција.
Бесценет беше моментот на 17 јуни во Преспа кога заедно со Алексис вивнавме раце соопштувајќи им добри вести на своите народи. Видов солзи кај многумина Македонци и Грци, и во Нивици и во Отешево тој ден. Светеа очите и на новинарите и на политичарите и на службениците. Денес, знаеме дека вредеше.
Денес ги собираме плодовите од решениот спор. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Сега имаме исклучително добри односи со Грција и сериозно подобрена билатералната соработка. Растат економските инвестиции, бизнисите ни соработуваат како никогаш до сега, а веќе имаме и одлуки за заеднички инвестиции во гасоводни проекти како тој во Александруполи.
Со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан.
Како лидери на своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот, и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите.
За да се постигне ваков договор потребни беа верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија. Но, потребни беа и издржливост и упорност. Договорот имаше за цел да го надминеме минатото исполнето со недоверба и навистина да градиме заедничка иднина.
Драги мои пријателки и пријатели,
Балканот отсекогаш бил регион со посебна интензивна динамика кон кого очите на меѓународната јавност никогаш го немале луксузот да бидат затворени.
Пресвртот што го направи Договорот од Преспа му даде друга насока и контекст на целиот регион.
Договорот означи крај на една ера и почеток на ново поглавје, како за двете држави така и за регионот пошироко. Кога соработката е конструктивна и во добра волја, мирот се пројавува со некој природен след.
Светот прифати дека и од Балканот може да дојде успешна приказна, која треба, и може да има домино ефект и врз други отворени прашања во регионот, преку нејзината темелна вредност, а тоа е – решение е можно кога за тоа има јасна волја.
И јас и Алексис бевме целосно свесни дека ги ставивме на ризик нашите политички кариери.
Политичките кариери не се збир од политички одлуки што си ги пакувате за своето портфолио за да си го носите со себе од избори до избори без ризик, секогаш во зоната на политичка безбедност.
Ние избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества, а не само за нас, и за нашите политички партии. Иднина за нашите млади.
Таков пристап треба да се има и кон сите актуелни и идни предизвици.
Такви се лидерите на Европа. Што ќе беше Европа денеска ако не беа лидерите кои на политичката сцена излегуваа со политички потези за паметење? Што ќе беше ако не беше нивното политичко наследство заради кое ние денеска ги уживаме плодовите на нивното визионерство?
Балканот може, Балканот испорачува, Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние денеска, врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до договорот со Грција, слободно можеме да го кажеме тоа со потполно право. Ние сме Европа, повеќе од кога било.
Ви благодарам“.