Заев: Пакетот за можното решение го зачувува индентитетот и достоинството и е во интерес на граѓаните
Одговор на новинарски прашања, Зоран Заев, претседател на СДСМ
Медиуми: Груевски уште пред неколку дена ја најави оваа одлука и мисли дека е диригирана, дали е така и дали вие мислите така?
Мислењето треба да го дадете вие новинарите, граѓаните, и експертите којшто буквално имаа прилика он-лајн да го следат целиот процес, буквално со сите свои детали, од презентирање на доказите до сослушување на сведоците. Завршните зборови коишто беа дадени буквално од сите рочишта, па на крајот јавноста ќе цени, а господинот Никола Груевски едно време беше добар познавач на судството, но сега веќе не е тоа судство кое што тој го контролираше.
Медиуми: Денес од Левица поднесоа кривична против вас за предавство, каков е вашиот коментар?
Уште еднаш само ќе напоменам, институциите во Македонија носат одлуки, Претседателот на владата е вклучен во преговорите заедно со министерот за надворешни работи и ќе сториме се да изнајдеме решение на овој 25-годишен проблем којшто ја кочи Република Македонија во сите свои перспективи и ги кочи граѓаните на Република Македонија, и секако ќе направиме се да изнајдеме решение кое што ќе го сочува достоинството и идентитетот на нашите граѓани, а секако водејќи грижа и за достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Грција.
Медиуми: Очекувавте ли ваков одговор од Грција?
Јас и премиерот Ципрас целосно верувавме во ова решение, но ние сме само еден дел од кариката во целиот овој процес. Ние сме само Зоран и Алексис и ние сме повикани како претседатели на влада да ги носиме процесите. Знаете дека уште во првиот момент рековме дека постои опција која што може да биде прифатлива за двете страни, а тоа значи прво да видиме како стојат политичките структури во државата, институциите на државите, за на крајот да си има институционални процеси од донесувањето на одлуките. Кај нив тоа е Парламентот преку ратификација на евентуалниот договор за решението, кај нас е и Парламентот и граѓаните преку референдум и евентуалните уставни промени коишто би се случиле, затоа што беше пакет во прашање. Тие од тоа што го слушнавме во јавноста, викаат дека не постои парламентарно мнозинство за оваа работа, јас мислам дека преспиваат, добро размислуваат, заради тоа што дефинитивно Илинден и нашето Илинденско востание и 1903 година и 1944 година, нема никакви територијални претензии, ништо не загрозува од страна на Грција. За нас е важно заради тоа што не допира во нашиот идентитет, напротив го јакне нашиот идентитет, го зачувува достоинството и ги постигнуваме условите коишто за нас се важни, а исто така грчката страна добива ново име сложена, буквално, добива одредница и добива уставни промени. Јас верувам дека ова е вин-вин ситуација и уште еднаш само ќе кажам очекувам разговорите да продолжат, очекувам да длабински се разгледаат работите во сите страни за да можеме да му дадеме шанса на овој предлог којшто верувам дека е решение за 25-годишниот спор.
Медиуми: По повод средбата во Њујорк помеѓу Димитров и неговиот грчки колега очекувате дополнување на овој предлог, допрецизирање на она што е постигнато?
Значи имаме многу постигнато, имаме драгоцено пријателство изградено, голема доверба, води грижа премиерот Ципрас за позициите на Зоран Заев во Македонија, водам и јас грижа за позициите на премиерот Ципрас во Грција, но водам грижа и за опозицијата во Грција и за другите политички партии, како што и тој внимава и води грижа за овде во Македонија и тоа е убаво нешто што е постигнато и не треба да го пропуштиме. Овој состанок во Њујорк беше претходно закажан и само ние го потврдивме и вчера министерот во свое едно интервју го потврди дека учествуваме и ќе продолжиме натаму, блиску сме, јас верувам дека можеме да најдеме решение. Напоменувам дека зборуваме за пакети, не зборуваме поединечни делови, заради тоа што не може да се очекува уставна промена во Република Македонија за било кое решение, затоа прифативме ние уставна промена заради тоа што е решение кое што не не понижува, го зачувува нашето достоинство, а притоа идентитетските прашања се фиксирани. Тоа е драгоцено, а притоа ги исполнуваме нивните услови, верувам дека секоја средба како што и порано реков дава некои решенија, така и учеството во оваа средба верувам дека ќе даде некое решение, никој пат нема да се вратиме на почеток, на прапочетокот мислам, секако ќе се вратиме на разработување на варијанти кога сме веќе толку блиску, кои ќе не доведат и до конечното, до состојба во која што ќе продолжиме внатрешно да разговараме со политичките субјекти и со институциите на системите на двете држави.
Медиуми: Шефот на кабинетот на господинот Ахмети, Артан Груби вчера напиша дека најверојатно отпаѓа предлогот Илинденска Македонија, дали имате и вие некакви такви информации, бидејќи и тој беше инволвиран во процесот?
Во Македонија не отпаѓа, процесот беше навистина сериозен, ги извадивме навистина сите аргументи, остана политичките партии да носат одлуки на органи и тела, а секако и да ги чекаме и правно формалните акти. Можен договор, временска табла или временски рок на имплементација и одредени одговори за процедурите во Обединетите Нации, што е многу логично и многу нормално. Ние зборувавме за принципите и постулатите на самиот договор, јас верувам во Македонија не беше невозможно, заради тоа што буквално не постои политичка партија или искрен интелектуалец во Македонија, нормален граѓанин којшто е повреден со ова име. Ова име е нашето богатство, ова име е нашето минато, ова име е нашата иднина. И апсолутно сум свесен дека постои можно решение во Македонија, но тоа што господинот Груби го соопштил, го соопшти грчката страна истиот ден после пладне, јас верувам дека треба да продолжиме во напорите, прво ова решение до крај да го разгледаме и уште еднаш апелирам, до сите оние коишто сочинуваат мнозинство или поголемо мнозинство во Грција, како и да го гледаат случајот уште еднаш да се фокусираат, добро да размислат на ова решение, заради тоа што ова решение е вредно за длабинско размислување, заради тоа што навистина ги исполнува очекувањата на граѓаните, на мнозинството граѓани на двете земји.
Медиуми: Може ли денеска да ни кажете за реконструкцијата, за договорот?
Е вака, за реконструкцијата, логично е да ја предложам утре од сабајле, заради тоа што денеска од пресудата од сабајле не знаев дали ќе има цела Влада, или ќе треба да предложам реконструкција. Јас сум подготвен, имињата се утврдени, утре наутро верувам дека ќе ги собереме биографиите од сите кандидати, за министерските и заменик министерските места и ќе ги процесуираме до Собранието, со надеж дека до крајот на месецот, Парламентот ќе ги стави на дневен ред, за да ја докомплетираме Владата.
Медиуми: Премиере, со кого се консултиравте името Илинденска да се преведе на Албански така скандалозно?
Јас не би давал коментари, сакам да ги слушнам експертите, веројатно политичките субјекти коишто бевме сите тука, секако знаете дека имам доста Албанци и во мојата политичка партија, а секако и во коалицијата, тоа на крајот на денот верувам дека е помалку важно од суштината на решението, не е неважно – важно е, секако такви транспарентни прашања за соодветна преведливост и нема бегање од тоа, јавноста ќе каже, експерти ќе кажат, како е преведливо така и ќе биде, жалам што не можевме во сабота сите заедно да констатираме дека чекориме и понатаму, веројатно сега состаноците коишто следуваат и во Њујорк ќе дадат одредени решенија , ако изнајдеме решение тоа ќе си биде соодветно преведено, верувајте, дека никој немаше некоја затскриена намера преку преводите.
Медиуми: Околу судскиот процес Премиере, дали сега по завршувањето на процесот, ќе ја објавите снимката за да може да ја види целата јавност?
Само некако да ја добијам, апелирам институциите што ја имаат да ја објават таа снимка, јас ја немам. Со самата објава на снимката ќе можев до крај да го обелам мојот образ, немам снимка, и барам на некој начин ако имаат право да ја достават, па јас ветувам дека јавно ќе ја објавам. Ако не можат да ја достават, јавно тие нека ја објават. На трите пати каде е скратено, точно ќе видат за што станува збор, и какво злонамерно било кратењето внатре кога зборуваме за цемент, буквално на Струмички зборувам, за железо, за бетон, за плата на работниците, за плаќање на струјата, сите детали се гледаат внатре, но мене ми е драго што барем Судот ја утврди таа вистина.
Медиуми: Значи тоа е вашата препорака и за други политичари на ист таков начин да ги мотивираат бизнисмените да бидат општествено одговорни?
Јас не знам со каква намисла сте, и ако тоа е слободното новинарство, нека ви е на чест, но на крај само ќе кажам дека сето тоа што сум го правел во Струмица било транспарентно и било на достап на јавноста. Јас водев кампања за изградба на Соборниот храм во Струмица, и не се срамам тоа да го кажам, и го кажав во Судот и додека беа новинарите, апелирав бизнисмените да бидат пример, но тоа е меѓу нив и Господ, секој колку милува – толку да ја помогне црквата, има бизнисмени на коишто Општината им завршила огромна работа, па не дале ниту едно евро. Еден од тие е и господинот Николов, нивно право е тоа, нивни пари се тоа, но има граѓани коишто земаат по 15.000 денари плата и се едни од поголемите донатори во изградбата на Соборниот храм, којшто во него има преку 650.000 вложено пари на граѓаните, на фирмите од Струмичкиот регион. Јас се надевам дека транспарентноста на постапката е доказ за сите и апсолутно, какви и да се затскриените намери на секој поединец, преку оваа пресуда и преку транспарентниот процес се конечно затворени.