22/11/2024
Македонија

Заев: Продолжуваме уште повеќе да инвестираме во здравството, за уште подобра заштита на здравјето

Изјава за медиуми, Зоран Заев, претседател на СДСМ и носител на листата во ИЕ 4

Почитувани граѓани

Инвестицијата во Здравствениот дом во Тетово е еден од многуте примери за нашата посветеност за развој и унапредување на здравствениот систем.

Обезбедени се средства за реконструкција на овие бараки, стари 50 години кои никогаш досега не биле реконструирани.

По реконструкцијата предвидено е да се обнови и застарениот инвентар во службите за вакцинација и систематски прегледи.

Во изминатите три години ги подобривме условите во над 30 јавно здравствени установи и инвестиравме во набавка на нова, современа медицинска опрема.

Ги зголемивме и платите на лекарите специјалисти, на медицинските сестри, но и на помошно-техничкиот персонал во здравството.

Со тоа, го подигнавме нивото на здравствената заштита за пациентите и овозможивме подобри услови за работа за нашите здравствените работници, кои денес се целосно мотивирани во борбата против коронавирусот.

Не застануваме тука. Во следниот мандат обезбедуваме уште повеќе инвестиции во здравството, за уште подобар здравствен систем.

Платите во здравството ги зголемуваме за 40 отсто до 2024 година, односно по 10 отсто секоја година.

33 милиони евра вложуваме во одделенијата за интензивна нега, за нивна модернизација и набавка на современа опрема.

Овде во Тетово, набавуваме современа медицинска опрема за потребите на Ургентниот центар.

Набавуваме и нови 70 возила за итната медицинска помош.

Нема компромиси во заштитата на јавното здравје.

Како и досега, продолжуваме да инвестираме во здравството, да ги подобруваме условите за работа и да ја унапредуваме здравствената заштита.

Тоа ќе го правиме уште повеќе и уште подобро, затоа што знаеме, затоа што можеме!