Заев: Сите да покажеме одговорно однесување и да придонесеме кон пописот како државничка одговорност
Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, се обрати на работната средба во организација на Државниот завод за статистика, посветена на координација со локалната самоуправа со цел успешно спроведување на претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите.
Покрај премиерот Заев, на средбата се обратија и Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Претседателот на Собрание Талат Џафери, министрите за локална самоуправа и правда, Горан Милевски и Бојан Маричиќ, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, како и директорот на државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Во прилог интегралното обраќање на премиерот Заев:
„За нешто повеќе од два месеци нашата земја ќе ја спроведе најважната статистичката операција – Попис.
Инсистирам на терминот „статистичка операција“ затоа што со законските решенија пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно стандардите на Обединетите Нации и Евростат, односно според врвните глобални и европски стандарди и практики –за никогаш повеќе да не се третира како политичко прашање.
Пред нас стои големата задача да го поддржиме спроведувањето на пописот на населението, на домаќинствата и на живеалиштата, кој ќе даде реална фактографска слика за состојбата во државата. Со неговото успешно спроведување конечно ќе ги исправиме и последиците кои ги предизвика огромната, недозволива пауза од 20 години од последниот релевантен попис.
И кога зборуваме за ризиците и за заканите кои се уште го демнат пописот, тука, уште на почетокот од ова мое обраќање до вас, сакам да ја адресирам најавата за нова неодговорна постапка на опозицијата, односно најавата за бојкот на пописот од страна на опозицијата.
Сметам дека тоа е најлошата одлука што може да ја донесе некој политички субјект бидејќи, освен што е правно недозволив, бојкотот носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно.
Повикот за бојкот, без разлика дали е лажно спакуван како повик за неучество или повик за минирање на најважната статистичка операција за земјата, е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект.
Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која што не поседува податоци за да може да ги испланира следните 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина. Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер.
Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики.
Искрено, овде во присуство на Претседателот на државата, Претседателот на Собранието, градоначалниците на нашата татковина, ја користам оваа можност да ја повикам најголемата опозициона партија да се приклучи на оваа одговорна статистичка операција и одговорно да ја исполни својата задача и улога во татковината.
Оттаму, тука сме пред вас, за да укажеме колку е важно државата и сите нејзини институции и чинители на централно и локално ниво, да дадат поддршка на Државниот завод за статистика, за успешно да ја спроведе стратегиски важната статистичката операција – Попис 2021.
И тоа од многу аспекти.
На нашата држава ѝ требаат како неопходни сите податоци што ќе се добијат од пописот.
Пописот не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество.
Пописот на граѓани, домаќинства и живеалишта е од клучно значење за секој сегмент од животот на граѓаните, а по него ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки.
Важно е да се утврди точниот број на населението во земјата, не само вкупниот, туку и во секој плански регион, во секоја општина, населба… но исто толку важно е и да ја добиеме целосната слика по сите основи – на која возраст ни е населението, со какво образование, со какви квалификации, местото на живеење. Или на пример кога се во прашање домаќинствата, живеалиштата, становите – пописот ќе ни даде одговор колку од зградите во кои живееме се енергетско-ефикасни, дали имаат пристап за лица со попреченост, колку од домаќинствата се греат на дрва, колку на струја, колку на парно…
Ова се, почитувани, податоци кои живот значат.
Податоците од пописот се од огромно значење и за локалните власти. Тие се суштински кога станува збор за планирање на развојот на заедницата, бројот на учениците визави образовните капацитети, бројот на деца од претшколска возраст наспроти градинките како установи за згрижување на децата.
Од значење за општините се и податоците за структурата на постоечките индустриски капацитети, но уште повеќе на потенцијалите за развој на овие капацитети кои исто така можат да се идентификуваат од статистичките податоци.
Податоците од пописот ги откриваат и можностите на општините за развој на локалните пазари, туристичките потенцијали.
Не случајно минатата година Европскиот ден на статистиката се одбележа под мотото „Подобри податоци, Подобар живот“.
Да не заборавиме дека пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ, бидејќи поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите и затоа во април треба сите да дадеме придонес ова прашање успешно да го затвориме.
Сите да покажеме одговорно однесување и да придонесеме кон пописот како државничка одговорност – сите ние кои сме на лидерските позиции во општеството на централно или на локално ниво, за да може придобивките од статистичките показатели да му се вратат на народот со успешни политики.
Со учеството во пописот секој граѓанин ќе да даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наше задолжение, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца.
Почитувани градоначалници, ве охрабрувам и ве повикувам да се вклучите во сите аспекти на пописот, да помогнете колку можете повеќе, да спроведеме 100% успешна статистичка операција – Државниот завод за статистика ги има сите професионални и стручни капацитети, се што е потребно е да ги следиме нивните насоки, да дадеме максимум поддршка и на крајот да имаме заеднички резултат – успешен ПОПИС 2021“.