Заев: Со упорна работа и храбро срце на терен вие уште сега сте нашите победници и наша гордост
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска на Меѓународниот аеродром Скопје ја испрати македонската фудбалска репрезентација за Букурешт, Романија каде ќе се одиграат првите два натпревари од Европското првенство во фудбал.
На испраќањето премиерот Заев на фудбалерите и на стручниот тим им посака успешен настап на ЕУРО 2020, среќа, добра тимска игра и фер плеј и да продолжат со успесите со кои веќе испишуваат нови страници во историјата на македонскиот фудбал пласирајќи се на Европското првенство.
Нашиот национален тим, порача премиерот, покажа дека со упорна работа, со храбро срце на терен и нашата фудбалска репрезентација може да биде дел од најголемите европски тимови.
„Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам и да ви оддадам почит од сè срце, за тоа што нè израдувавте и нè правите горди Македонци! Сакам да ви посакам успех, добро здравје и одлична тимска игра! Секако ќе се радуваме на сите ваши, било какви резултати! Сакам посебно да истакнам, дека вашето вложување на теренот, умешноста, храброто срце на терените, нас гледачите нè прават посебно горди и сите ние заедно испраќаме пораки на поврзаност и заедништво“, потенцираше премиерот Заев.
Тој додаде дека нивната тимска игра, почитувањето и односот кон државата и припадноста пренесува една огромна порака дека само со заедништво, почитување и обединување, победата е можна.
„Вие, почитувани наши национални претставници, членови на македонската репрезентација, вие уште сега сте нашите победници! Вие сте нашата гордост! Нека победи фудбалската игра и спортскиот дух“, им порача премиерот Заев на фудбалерите на заминувањето за Букурешт, Романија, каде ќе се одиграат првите два натпревари од Европското првенство во фудбал.