22/11/2024
Македонија

Заев: Вложуваме во енергетска независност и во еколошки извори на енергија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска го отвори третиот Македонски енергетски форум. Форумот годинава е во организација на ЗИП Институт, а во соработка со Владата на Северна Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави. 

Покрај премиерот Заев, на форумот се обратија и амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз, амбасадорот на Норвешка, Н.Е. Јорн Јуџин Јелстад и Агим Селами, директор на ЗИП Институтот.

Во прилог интегралното обраќање на премиерот Зоран Заев:

„Дозволете ми да упатам честитки за годинешната организација на Македонскиот енергетски форум 2020, кој пред неколку години започна како иницијатива за зајакнување на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави за теми поврзани со енергетиката, а денес прерасна во значаен собир кој на едно место обединува институции, професионалци и еминенти личности од областа.

Чест ми е и годинава да ја отворам конференцијата од која верувам дека ќе произлезат заклучоци кои ќе дадат придонес за зголемување на инвестициите во енергетиката.

Токму еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок, е вложувањата во енергетскиот сектор. Нашите заложби се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции.

Дополнително, нашите заложби се постепено преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија вода, сонце и ветер се со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија. 

Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.

Во таа насока ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. Денес сакам да најавам неколку проекти на Владата во овој сегмент, како терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори. Сите инвестиции кои ги имаме од земјите членки на Европската Унија, почнувајќи од фотоволтаици, ветерните централи, и најава за сериозни инвестиции во хидроцентралната Чебрене. 

Искрено се надевам дека учеството во овие енергетски проекти ќе поттикне се повеќе сектори за развој на регионалната соработка.

Од голема важност е интерконекторот помеѓу Северна Македонија и Грција како клучен енергетски инфраструктурен објект со кој се обезбедува повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас. Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји како и надградбата на постојниот нафтовод може да ја направи Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан. 

Овде може да ги дополниме идеите и за интерконекторите со Косово, Србија и помеѓу Струмица и Петрич, Бугарија. 

Дополнително во чекор со нашите заложби и усогласување на регулативата со ЕУ, годинава во февруари донесен е и новиот Закон за енергетска ефикасност, кој овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто.

Сакам да напоменам дека пред нас се бројни предизвици, национални и регионални кога станува збор за приклучувањето кон глобалната енергетска транзиција, новите технологии во обновливите извори, енергетската ефикасност, гасификација, но тоа се неизбежни инвестициски процеси кои носат бенефит на долг рок.

Примена на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност се дел од рамките за реализација и на Зелениот договор на Европската Унија кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година. И нашата земја го поддржува Европскиот зелен договор за одржлива економија преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности  и правење на транзиција, праведна и инклузивна за сите“.