Заев: Вложувањето во децата, нивните права и квалитетно образование е вложување во иднината
„Децата се непроценлив капитал на една држава и вложувањето во нив е вложување во иднината“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември.
На состанокот организиран заедно со младински застапници учествуваа и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во земјава и Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјата и министрите Мила Царовска, Јагода Шахпаска и Насер Нуредини.
Премиерот Заев упати честитки по повод Светскиот ден на децата кој е утврден на денешен ден во 1989 година, кога е усвоена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата.
„Северна Македонија, како и сите други земји членки на Обединетите нации, со прифаќањето на Конвенцијата за правата на децата, се обврза дека ќе ги почитува четирите основни принципи: Недискриминација; Придржување кон најдобрите интереси на детето; Правото на живот, опстанок и развој; и Правото на учество“, рече премиерот Заев и додаде дека токму овој настан на децата со претставници на Владата, на УНИЦЕФ и на Европската Унија го исполнува четвртиот принцип, учествувањето во креирање политики за децата.
Осврнувајќи се на темата на состанокот, иднината на образованието, премиерот Заев подвлече дека таа е во целосна согласност со стратегијата за развој на образовниот систем во земјата базирана на принципот – квалитетно образование достапно на сите.
„Нашето образование мора да се приспособува и на новите глобални предизвици. Пандемијата на КОВИД-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува со цел да се обезбеди пристап до образовниот процес за сите деца без разлика на проблемите со кои се соочуваат“, подвлече премиерот Заев и додаде дека паралелно со овие специфични предизвици, не се запоставени ниту обврските за создавање услови за мотивирани наставници и дигитализација на образованиот систем, кое ќе ги подготви младите за потребите на пазарот на трудот, а со тоа ќе се намали и младинската невработеност.
Амбасадорот на Европската Унија во земјата Дејвид Гир истакна дека не е едноставно да се постигнат сите елементи за квалитетно образование, но дека константното менување и прецизно ракување со образовниот систем притоа следејќи ги новите технологии и новите предизвици се смета за работа во прогрес.
Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во државата рече дека Светскиот ден на детето се одржува во време на еден од најголемите предизвици во нашата историја, пандемијата предизвикана од коронавирусот и дека токму поради тоа ова е значаен момент и можност да се слушне како децата и младите сакаат да ја преосмислат иднината.
Премиерот Заев по повод 20 Ноември – Светскиот ден на децата: Вложувањето во децата, нивните права и квалитетно образование е вложување во иднината
Денеска, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во земјава и Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија се обратија на владин состанок од високо ниво по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември.
Насловот на состанокот е: Децата преземаат владин состанок на високо ниво. „За децата од децата – иднината на образованието”.
На состанокот со младинските застапници учествуваа и министрите Мила Царовска, Јагода Шахпаска и Насер Нуредини.
Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
Здраво деца,
Здраво на сите претставници на УНИЦЕФ, организацијата за грижа за децата на Обединетите нации,
Здраво и за амбасадорот на ЕУ во нашата земја,
Здраво на сите министри во Владата на Северна Македонија,
На почетокот дозволете ми да упатам честитки по повод Светскиот ден на децата кој е утврден на денешниот датум – 20 ноември, затоа што на денешен ден, во 1989 година е усвоена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата.
Оваа конвенција е најшироко прифатен документ на Обединетите нации и е ратификуван од најголем број држави на светот споредено со било кој друг документ на организацијата на народите.
Северна Македонија, како и сите други земји членки на Обединетите нации, со прифаќањето на Конвенцијата за правата на децата, се обврза дека ќе ги почитува четирите основни принципи: Недискриминација; Придржување кон најдобрите интереси на детето; Правото на живот, опстанок и развој; и Правото на учество.
Тоа се основните услови за остварување на сите други права на децата.
Овој настан, овој онлајн состанок на децата со претставници на Владата, на УНИЦЕФ и на Европската Унија го исполнува четвртиот принцип: Правото на децата да учествуваат во креирањето политики за децата.
Токму затоа, со големо задоволство прифатив да учествувам и да ги споделам со вас моите размислувања и определбите на Владата кога станува збор за образовните политики – тема што вие ја одбравте да биде централна денеска и која ја поставивте во рамката на насловот „За децата од децата – Да го преобразиме образованието“.
Ви благодарам за темата на овој настан бидејќи таа е во целосна согласност со стратегијата за развој на образовниот систем во нашата земја. Овие тема е уште поактуелна во време во кое се справуваме со старите и нови предизвици, време кое светот го врзува за четвртата индустриска револуција и кое наметнува сосема нови барања пред идните генерации.
Кога ја утврдувавме Програмата за работа на Владата и кога ги креиравме принципите врз кои ќе се развива стратегијата за образование на ова време, се зарековме дека ќе развиваме квалитетно образование достапно на сите.
Нашата цврста намера е да дизајнираме образовен систем кој ќе создава личности кои ќе размислуваат критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти, докази и анализи. Сакаме образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, и ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот.
Нашето образование мора да се приспособува и на новите глобални предизвици. Пандемијата на КОВИД-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува.
Имајќи го ова предвид, подготвени да се соочиме со сите предизвици, потешкотии и непознати ситуации, наша должност беше да организираме образовен процес кој ќе одговори на предизвикот со здравствената криза.
Наставата да биде организирана од далечина, освен во оние средини каде просторните услови дозволуваат настава со физичко присуство со почитување на здравствените протоколи. Еден владин тим, на чело со министерката за образование, целосно се посвети на развојот на дигитални форми и содржини во образованието.
Да обезбедат пристап до образовниот процес за сите деца без разлика на проблемите со кои се соочуваат.
Паралелно со овие специфични предизвици, не ги запоставивме ниту нашите темелни обврски како што се создавањето услови за мотивирани наставници, да ја подготвиме Национална стратегија за дигитализација на образованиот систем, да креираме образование кое ќе ги подготви младите за потребите на пазарот на трудот и да ја намалиме младинската невработеност.
Итност за промени се наметнува и во делот на методологијата за пишување и издавање учебници. Праксата покажува дека не само што треба да се ревидираат одредени учебници поради застареност на содржините, несоодветност на јазикот и стереотипи, туку мора да се создаде нов модел кој ќе одговара на стандардите што се применуваат во земјите на Европската Унија.
Сето ова, и многу повеќе, е неопходно затоа што децата ни се важни. Децата се непроценлив капитал на една држава и вложувањето во нив е вложување во иднината.
Како што спомнав на почетокот овој настан, заедно со членовите на Владата, со претставници на Европската Унија и на УНИЦЕФ го исполнува четвртиот принцип од Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата – децата да учествуваат во креирањето политики за децата.
Уште еднаш ви го честитам Светскиот ден на децата и ви посакувам успешна дебата.
Благодарам.