Зајакнување на регионалниот дијалог и соработка за миграција
Денеска државната секретарка во министерството за внатрешни работи, а воедно и национална координаторка на Националната комисија за спречување на трговија со луѓе и миграција м-р Магдалена Несторовска присуствуваше на работилницата на тема ,,Зајакнување на регионалниот дијалог и соработка за миграција,, во организација на МАРРИ –регионалната иницијатива, а со поддршка од ГИЗ.
Во своето воведно обраќање г-ѓа Несторовска истакна дека средбите од ваков вид секогаш нудат одлична можност за наоѓање сеопфатен пристап со кој ќе се дојде до адекватен одговор на потребите и подобро функционирање на целиот систем, овозможувајќи на тој начин споделување на искуства кои се од особено значење при реализација на реформските процеси, во случајов миграциските процеси.
“Изминатите години неуморно и посветено работевме со цел успешно справување со мигрантската криза . Од самиот почеток на кризата во фокусот на нашето делување беше хуманитарниот аспект на менаџирањето со миграцијата, притоа балансирајќи помеѓу безбедноста на своите граѓани, безбедноста на граѓаните на ЕУ и секако, безбедноста , грижата и заштитата на мигрантите кои секојдневно транзитираа низ државава. Во овој процес како неминовен се наметнува заклучокот дека искреното, одржливото партнерство што го изградивме помеѓу државните институции, меѓународните организации, невладиниот сектор беше клучен моментум кој помогна да превенираме било каква несакана ескалација која беше повеќе од можна, во ситуација на масовни мигрантски движења.” – го заврши своето обраќање државната секретарка во министерството за внатрешни работи и национална координаторка на Националната комисија за спречување на трговија со луѓе и миграција м-р Магдалена Несторовска.