Законот за финансиска поддршка на инвестициите влегува во владина процедура
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши остварија средба со претставници на компаниите – членки на Стопанската комората на Македонија, каде што ги информираа стопанствениците за динамиката на спроведување на мерките од Планот за економски раст.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Законот за поддршка на инвестициите наскоро ќе влезе во Владина процедура и дека очекува имплементацијата на овој Закон да ја раздвижи економската активност во Република Македонија.
„На средбата со претставниците на компаниите – членки на Стопанската компанија на Македонија направивме завршни консултации за текстот на Законот за поддршка на инвестициите. Изминатите шест месеци водевме јавна дебата со сите засегнати страни, ги вградивме сите издржани забелешки и ценам дека предлог Законот е применлив и лесно имплементирачки и ќе придонесе за раст на индустријата и економијата“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија Бектеши информираше дека Законот за поддршка на инвестициите, веќе во среда оваа недела ќе влезе во Владина процедура, а се очекува веќе наредната недела да влезе во собраниска процедура.
„Потврдувам дека и тука меѓу стопанствениците добивме голема поддршка за мерките од Планот за економски раст. Би сакал да ги повикам сите компании да ги искористат мерките кои ги нудиме со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и на тој начин да го подобриме животниот стандард на граѓаните на Република Македонија и да го поттикнеме економскиот развој на државата“, дополни министерот Бектеши.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески посочи дека компаниите се задоволни со мерките од Планот за економски раст и дека стопанството изразува поддршка за побрзо донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
„Очекуваме брза постапка и поддршка од сите засегнати страни, за донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за да компаниите бидат поттикнати на нови инвестиции и зголемување на бројот на вработени. Даваме максимална поддршка на имплементација на мерките од Планот за економски раст, бидејќи околу 8.000 компании имаат можност да искористат поддршка“, подвлече Азески.