Заменик министерот за внатрешни работи Нухиу на Конференција за борба против тероризмот во Братислава
Заменик министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија проф. д-р Агим Нухиу вчера и денеска учествува на Конференција за борба против тероризмот во Братислава, Словачка, во организација на ОБСЕ.
„Во целиот спектар на современи безбедносни ризици, покрај насилниот екстремизам, феноменот на радикализација е сèпоприсутен во секое општество, во кое слоеви од младата популација прифаќаат екстремни ставови и идеи и го менуваат своето однесување, од политички активизам до примена на насилни средства и методи. Паралелно со опасноста од нарушување на општествената кохезија, продлабочување на поларизацијата по етничка/верска линија и појавата на меѓурелигиски/меѓукултурни тензии, главна закана, но и врвен безбедносен приоритет за државите претставува можноста од терористичко делување“, рече Нухиу во своето обраќање на конференцијата.
Балканските земји, рече Нухиу, меѓу кои и Република Северна Македонија, пред сé поради геостратешката положба и специфичните етнички, социјални и политички карактеристики претставуваат погоден терен за стационирање и егзистирање на екстремни и радикални поединци и групи.
„Независно од нивната политичка, идеолошка или религиозна позадина, присуството на екстремни поединци и групи и ширењето на радикални ставови, идеи и заложби во регионот упатуваат на реална опасност од вршење акти на насилство со елементи на тероризам“, рече Нухиу.
Заменикот министер Нухиу ја потенцира и важноста на превентивните мерки, покрај репресивните. Промовирањето на демократски вредности, како меѓусебно почитување, верска толеранција и дијалог од различните општествени чинители, дополнително придонесува за делегитимизација на екстремните идеологии и нивните промотори.