Жан Патрик Конрад – добитник на Светската награда за хуманизам за 2018 година
Светската награда за хуманизам за 2018 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани, е доделена на Жан-Патрик Конрад, професор на Империал колеџ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите. Конрад е дванаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на Унеско, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Жан-Патрик Конрад истакна дека „Човештвото отсекогаш се стремело кон етичките и филозофските вредности што ги носат досегашните добитници на наградата и духот на учењето на Св. Климент Охридски потсетува дека хуманизмот ќе ги победи глобалните закани за уривање на човечката надеж.“
Од поголемиот број на одгласи од светските медиуми кои ја пренесоа веста ги издвојуваме написите во трибината на Европската Унија Euro Science, и Академската асоцијација „Марија Кири“, кои го подвлекуваат големиот научен и духовен придонес на Конрад во светската научна и духовна мисла.
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари, наспроти големиот празник Богојавление, во куќата на Уранија на МАНУ.
Во присуство на амбасадорот на Велика Британија, Н.Е. Чарлс Гарет и пред поголема меѓународна ансамблеја на гости, градоначалникот на Општина Охрид, д-р Јован Стојаноски ќе му ја врачи наградата на добитникот Жан – Патрик Конрад.
Истата вечер, академик Светлин Русев од Бугарија ќе го претстави спомен – обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто во текот на следната година ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.