22/11/2024
Македонија

Запленети 143 килограми марихуана, осуммина приведени

 Во рамките на засилените активности на Министерството за внатрешни работи во борбата против недозволена трговија со дрога, вчера во два одвоени случаи откриени и запленети се вкупно околу 143 килограми марихуана, при што приведени се и осум лица од кои шестмина македонски државјани и двајца државјани на Република Албанија, соопшти на директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски на денешната прес конференција во Министерството за внатрешни работи.  

-Во првиот случај, по преземени мерки и активности од страна на полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција, а во содејство со СВР Охрид и СВР Тетово, пресечен е меѓународен канал за транспорт на марихуана од Албанија преку Македонија до соседна Грција. Запленети се 55 килограми марихуана, со вредност на нарко пазарот од околу 150.000 евра, а лишени од слобода се седум лица, од кои шест лица се македонски државјани и едно лице е албански државјанин.

-Вчера во Маврови Анови, во близина на браната, на патниот правец Дебар – Гостивар, по преземените оперативни мерки и спроведената акција, од слобода се лишени четири лица Е.Д. (31), Б.Р. (41), М.Р. (32) и И.Ј. (32) од село Студеничани, скопско, кои што со две патнички моторни возила марка „Ауди“ и „БМВ“  ја преземале марихуаната од Дебар и требало да ја транспортираат до Солун, за сума од 9.000 евра.

-Веднаш потоа, преземени се дополнителни активности на подрачјето на Дебар, при што од слобода е лишен  Р.Д. (49) од с.Блата, Република Албанија, кој на илегален премин ја внел дрогата во државата. Од слобода се лишени уште две лица од Дебар, Ѓ.Ј. (27) и Ѓ.Ј. (26), кои ја преземале дрогата од државјанинот на Република Албанија и ја предале на лицата од Студеничани- рече Велковски.

Во вториот случај вчера околу 18,00 часот на Граничниот премин “Деве Баир“ од слобода е лишен М.М. (47), државјанин на Република Албанија.  

-Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во соработка со Царинската управа, сопреле за преглед товарно моторно возило со приколка со албански национални и регистарски ознаки, управувано од приведениот. При прегледот дрогата во вкупна количина од 88 килограми, спакувана во најлонски фолии била откриена во внатрешноста на приколката- соопшти Велковски.

По целосно документирање на случаите против сите приведени лица, а во координација со надлежните Основни јавни обвинителства, ќе бидат поднесени пријави по член 215 од КЗ на РМ.