22/11/2024
Македонија

Запленети цигари, девизи, техничка стока и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, пури, ножеви за пури, парфеми, девизи и уреди за системи за видео надзор.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 34.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на двајца македонски државјани, кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во торбичка со документи, која сопатничката во возилото ја носела со себе, бил пронајден коверт со 36.000 евра. Согласно законските прописи, резиденти можат да изнесат од државата до 10.000 евра со приложување на документ за потекло на парите, додека забрането е изнесување на парични средства над 10.000 евра. Поради тоа што патничката не поседувала документ за потекло на парите, и биле вратени 2.000 евра, износ што резиденти може слободно да го изнесат од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 13.950 евра, откриени во два одвоени случаи на Интернационалниот аеродром Скопје, при личен претрес на двајца македонски државјани, кои имале намера да отпатуваат со лет за Базел. Во првиот случај, во џеб од јакната на едниот патник биле пронајдени 10.000 евра, а во вториот случај, исто така во џеб од јакната на вториот патник, биле пронајдени 7.950 евра, за кои не поседувале документи за потекло. Согласно законските прописи, на двајцата патници им биле вратени по 2.000 евра, износ што резиденти може слободно да го изнесат од државата. Во првиот случај привремено се задржани 8.000 евра, а во вториот случај привремено се задржани 5.950 евра. Против патниците ќе бидат поднесени прекршочни пријави за сторените девизни прекршоци.

Цигари

– 66 штеки цигари со македонски акцизни маркички, 822 пури и 80 ножеви за пури, откриени во 5 одвоени случаи на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на пет македонски државјани.

Цигарите биле пронајдени во чекираните куфери на двајца патници кои имале намера да отпатуваат, едниот со лет за Лондон а вториот со лет за Копенхаген, и една патничка која имала намера да отпатува со лет за Малме.

Пурите и ножевите за пури биле пронајдени во патните торби на двајца патници, кои допатувале со лет од Малта. Кај едниот патник биле пронајдени 542 пури од различни марки и 40 ножеви за сечење пури, а кај другиот патник биле пронајдени 280 пури од различни марки и 40 ножеви за сечење пури.

Во сите пет случаи непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Парфеми и дезодоранси

– 155 парфеми од 50 ml и 12 сетови од дезодоранс и парфем, откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Техничка стока

– 14 уреди за систем за видео надзор (камери, уреди за напојување, монитор, преклопник, видеотјунер и друго), од марката Atlantis, откриени при контрола македонски автобус што сообраќал на релација Италија – Македонија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во две кутии сместени во багажниот простор, се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, ќе биде поведена соодветна постапка.