22/11/2024
Македонија

Запленети цигари, хемиски препарати, девизи и друго

Во текот на минатите две седмици, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  анастезии, стерилни ракавици, очила со диоптер, врвки за очила, чај за слабеење, цигари, средства за потенција, облека, рибарски мрежи, технички производи, препарати за заштита на растенија, гасен пиштол, муниција за гасен пиштол, девизи и фалсификати.

Девизи

– 5.000 евра, откриени при личен претрес на албански државјанин, кој управувајќи  албански автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во заден џеб од панталоните на патникот биле пронајдени 15.000 евра за кои не поседувал потврда дека истите ги пријавил при влез во државата. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка. 

Анестезии, очила со диоптер, средства за потенција и цигари

– 500 парчиња анестезии „Septodont – Septanest with adrenaline“ и 1.350 пара ракавици за еднократна употреба, откриени при контрола на албански автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Ќафасан, се пријавиле тројца албански државјани. Непријавените производи, за кои се потребни посебни дозволи за увоз во Република Македонија, биле пронајдени во една кеса сместена позади возачкото седиште и една картонска кутија сместена во багажникот на возилото. Производите се привремено задржани, а против еден од патниците во возилото, кој се пријавил како сопственик на истите, ќе биде поведена соодветна постапка. 

– 67 пара очила со диоптер, 48 врвки за очила и 40 паковки од 75 грама чај за слабеење, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Деве Баир, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи биле пронајдени во три најлонски кеси сместени во багажникот на возилото, како и во облеката и под облеката на сопатникот во возилото. Производите се привремено задржани, а против сопатникот во возилото, кој се пријавил како сопственик на истите, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 10 штеки цигари Rothmans со македонски акцизни маркички, 30 таблети Cialis и 56 кесички KAMAGRA гел, откриени при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Делчево – Дољиани, Италија, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Производите, сопственост на возачот на автобусот, биле пронајдени во фабричка празнина под седиште и во прегради во делот за чување лични работи на возачите. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Гасен пиштол и муниција

– 1 гасен пиштол марка EKOL Aras Magnum со калибар 9 mm  и 50 парчиња муниција за гасен пиштол марка IRON калибар 9 mm P.A.K.,  откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Пиштолот и муницијата, пронајдени во торба и во џеб од панталоните на македонски државјанин кој патувал со возилото, се привремено задржани, а против сопственикот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека и рибарски мрежи

– 300 парчиња маици со кратки ракави, откриени  при контрола на австриски автомобил, управуван од австриски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените маици, пронајдени во три картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.  

– 79 делови од носии (елеци, ногавици, ремени и кошули), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени пред совозачкото седиште, позади предните седишта и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 8 рибарски мрежи, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Возачот пријавил дека со себе носи 4 рибарски мрежи, но при извршената контрола, во најлонски кеси сместени позади возачкото седиште биле пронајдени 12 рибарски мрежи.  За пријавените  четири мрежи на патникот му е наложено да ги врати во Република Албанија, поради поради тоа што за нивно внесување во државата е потребна посебна дозвола, додека непријавените мрежи се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Технички производи

– 75 парчиња разни технички производи (мини блутут звучници, адаптери за SD и мини картички за iPod, електрични запалки за цигари и лед-магленки за автомобили), откриени при контрола на празен македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи биле пронајдени во три кеси на горниот кревет во кабината на камионот. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка. 

Препарати за заштита на растенија

– 15 килограми фунгицит од типвите TEBICUR 25 WP, DALTON 5 SG и БОРДО МИКС 20 БП, 500 милилитри фунгицит од типовите GRISU  и FEZAN 25 EC, 7 литри минерално ѓубриво  AGROSAL 47 % и 1 литар инсектицид DIAMANT 40 EC, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени под предните и задните седишта и во задната лева врата на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 73 јакни и блузи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко комбе со косовски таблички, управувано од косовски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.