22/11/2024
Македонија

Запленети цигари, текстилни материјали, фалсификати и друго

Во текот на минатите две седмици се откриени повеќе обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани резервни делови за трактори и камиони, цигари, текстилни материјали, обувки, лед-рефлектори и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Цигари

– 96 штеки цигари, од кои 84 штеки цигари од марката Pall Mall, со македонски акцизни маркички, и 12 штеки цигари од марката ОМЕ без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки пикап, управуван од грчки државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. Дел од цигарите биле пронајдени во внатрешноста од возилото зад потпирачот на задното седиште, а дел во специјално подготвено скривалиште во подот на товарниот дел на возилото. Непријавените цигари се привремено задржани а против сопственикот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Делови за трактори и товарни возила

– 96 резервни делови за трактори (бош пумпи, семеринзи, осовини за бош пумпи, црева за вода и воздух и делови за спојка), откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените делови пронајдени во џебовите во позадината на седиштата, во внатрешноста на вратите, позади совозачкото седиште и во багажниот простор, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 23 резервни делови за товарни возила марка MANN (филтри за воздух, масло, нафта и клима, воден филтер, капак за резервоар, плочки за кочници, калници, држачи за калници и друго) и 40 литри моторно масло Castrol 10W-40 E7, откриени при контрола на бугарски влекач, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во кабината, над горниот кревет и позади совозачкото седиште, како и во надворешна преграда, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 22 резервни делови за товарни возила (електромотори за парно греење, клипови и вратило за компресор, хилзни и држачи за клипови и пумпи за гориво), откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во кабината, пред совозачкото седиште и во преграда под креветот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Ткаенина и обувки

– 78 килограми ткаенини (3 ролни), откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените ролни ткаенина, пронајдени во просторот меѓу предните и задните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 48 пара женски обувки, откриени при контрола на стока вратена од странство заради поправка, пријавена за привремен увоз во царинската испостава Штип. Против увозникот, фирма од Штип, е поведена прекршочна постапка за сторениот царински прекршок.

Расветни тела

– 85 лед-рефлектори и 11 трансформатори, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус, кој сообраќал на вонредна линија Истанбул – Гостивар, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во шест картонски кутии, сместени во багажникот на автобусот меѓу багажот на патниците, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 7.480 парчиња ознаки за возила со лого на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Турција наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Поради сомневање дека се работи за производи кои повредуваат права од интелектуапна сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност. Пазарната вредност на производите е проценета на над 1 милион денари, доколку би се продавале како оригинали.