23/11/2024
Македонија

Запленети девизи, сребрен накит, цигари, фалсификати и друго

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  девизи, сребрен накит, уреди за автосервиси, опрема за заварување, автоделови, алати, цигари, кафе во зрно, техничка стока, облека, козметика, муниција за гасни пиштоли, додатоци на исхраната и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Девизи и сребрен накит

– 7.400 евра, откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при личен претрес на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Љубљана. Во паричникот на патникот биле пронајдени 9.400 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 7.300 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи бугарски автомобил се пријавил за излез од државата на  граничниот премин Табановце автопат. Во рачна торбичка на возачот биле пронајдени 9.300 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на возачот мубиле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 209 парчиња сребрен накит (синџири, нараквици, обетки и прстен) со вкупна маса од 2.150 грама, откриени при контрола на македонски автобус, што сообраќал на редовна линија Истанбул – Охрид, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавениот накит бил пронајден во внатрешноста на перница пронајдена на седиште во автобусот на кое седел македонски државјанин, кој патувал со автобусот. Накитот е привремено задржан, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Уреди за автосервиси, делови за возила, електричен алат и опрема за заварување

– 1 комплет тестер и ултразвучен чистач на бензински дизни на возила, 1 сет од иноксен поклопен вентил со шрафови и шајбни, 1 пиштол за заварување, 25 килограми жица за заварување, 38 челични колена и 1 употребувана турбина за камион, откриени во три одвоени случаи при контрола на два автомобили и еден камион, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, во кабината на влекач што бил натоварен на камион од влечна служба, управуван од македонски државјанин, бил пронајден 1 комплет тестер и ултразвучен чистач на бензински дизни на возила. 

Во вториот случај, на граничниот премин се пријавил македонски државјанин, управувајќи швајцарски автомобил со приколка, натоварена со стока за која приложил меѓународен транзитен документ и слики од истата. Возачот изјавил дека нема ништо друго за пријавување за царинска контрола, но при извршениот преглед на автомобилот, во багажникот биле пронајдени 1 сет од иноксен поклопен вентил со шрафови и шајбни, 1 пиштол за заварување, 25 килограми жица за заварување и 38 парчиња челични колена. 

Во третиот случај, позади возачкото седиште на српски автомобил, управуван од српски државјанин, била пронајдена 1 употребувана турбина за камион марка BORGWARNER. 

Во сите три случаи непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки. 

– 80 употребувани автомобилски гуми и 39 разни употребувани алати, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на пратка со употребувани гуми од испраќач од Швајцарија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3, биле пронајдени 80 употребувани автомобилски гуми што не биле опфатени со царинските документи. 

Непријавените гуми се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Во вториот случај, во просторот за палети и во кабината на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, биле пронајдени 39 парчиња разни употребувани алати (моторни и електрични пили, циркулари, бормашини, брусалки и друго). Непријавените производи, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка. 

Цигари и кафе во зрно

– 82 штеки цигари ОМЕ, Karelia  slims, Stuyvesant, Marlboro,  без акцизни маркички и 1.200 грама тутун од марката George Kareliaz, откриени во соработка со Министерството за внатрешни работи, при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во фабричките празнини во вратите и задните крила и во специјално направен простор зад инструмент таблата, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 29 штеки цигари Wiston, Lucky Strike и West, со косовски акцизни маркички, откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на чекираниот багаж на косовски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Копенхаген. Непријавените цигари се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 190 килограми кафе во зрно (190 паковки по 1 килограм), тип CAFFE ERON, откриени при контрола на италијански пикап, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавеното кафе, пронајдено во 5 картонски кутии сместени во багажникот на возилото, позади лични работи и употребувана машина за сечење плочки која возачот ја пријавил, се привремено задржани, а против возачот  ќе биде поведена соодветна постапка. 

Техничка стока

– 25 мини компјутери Raspberry Pi 3, 26 сд картички Kingston 8gb, 1 комплет од играчка конзола со камера, монитор, џојстици и слушалки, 3 парчиња електричен алат, 3 звучници, два микрофони, 2 држачи за звучници и 1 рачен часовник, откриени во три одвоени случаи при контрола на два автомобили и еден камион, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, во кеса сместена во багажникот на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин,  биле пронајдени 25 мини компјутери Raspberry Pi 3 и 26 сд картички Kingston 8gb. 

Во вториот случај, на задните седишта и во багажникот на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, биле пронајдени 1 комплет од играчка конзола со камера, монитор, џојстици и слушалки, 1 брусалка, 1 комплет од 2 бормашини и 1 комплет од звучник и два микрофони. 

Во третиот случај, на креветот во кабината на македонски камион, управуван од македонски државјанин, биле пронајдени 1 рачен часовник МICHAEL KORS ACCESS-Mens Smartwath, 2 безжични звучници Sonos One и 2 парчиња  сталаци за звучници Sonos FLEXSON. 

Во сите три случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки.      

Облека и козметика

– 125 комплети тренерки, откриени при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Нови Пазар – Истанбул, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во тоалетот на возилото, се привремено задржани, а против возачот, српски државјанин кој изјавил дека производите се негова сопственост, ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 57 парфеми и тоалетни води од марките Carolina Herrera, Chanell, Dior, Bulgari,  Lancome,  Givenchy,  Paco Rabanne и други, откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле 6 македонски државјани, Непријавените производи биле пронајдени во две рачни торби и три кеси, сопственост на патник во возилото. Истите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Муниција за гасен пиштол

– 300 парчиња муниција за гасен пиштол со калибар 9 mm, откриени при контрола на македонско патничко комбе, сопственост на фирма од Скопје која врши повремен превоз на патници на релација Скопје – Истанбул – Скопје, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица. Муницијата, пронајдена во патна торба сместена до возачкото седиште, е привремено задржана, а против возачот, македонски државјанин, е поднесено барање за поведување прекршочна постапка. 

Додатоци на исхраната

– 1.740 таблети суплементи за исхрана Nigella, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус кој сообраќал на релација Приштина – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените таблети, за кои е потребна и дозвола за увоз, биле пронајдени во куфер сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот. Истите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка. 

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 117 пластични обележја за патнички возила со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Охрид, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Охрид. Производите се привремено задржани поради сомневање дека  повредуваат права од интелектуална сопственост, а согласно законските прописи, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на нивната оригиналност.

– 3 рачни часовници со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на ДХЛ пратка од испраќач од Хонг Конг, наменета за физичко лице од Скопје. Часовниците се привремено задржани поради сомневање дека  повредуваат права од интелектуална сопственост, а согласно законските прописи, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на нивната оригиналност.