Запленети фалсификати, семенски материјал, алати, облека, цигари и друго
Во текот на изминатите две недели, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани фалсификати, семенски материјал, читачи за патарина, употребувани алати, регистарски таблички, облека, девизи и цигари.
Задржана е следната стока:
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 1.488 пара женски обувки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Пазарната вредност на сомнителните производи е проценета на околу 4,5 милиони денари, доколку би се продавале како оригинални.
Семенски материјал
– 195 кесиња со по 1.000 семки за разни градинарски култури (домати, краставици, дињи и пиперки), со вкупна вредност од околу 992 илјади денари, откриени при контрола на турски автобус што сообраќал на редовната линија Истанбул – Гостивар, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во картонска кутија што била сместена под совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.
Алати, апарати, читачи за патарина и регистарски таблички
– 80 апарати-читачи за патарина за товарни возила, откриени при контрола на бугарски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени на креветите во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 7 употребувани електрични алати и апарати (хилти, штрафилица, косилка, машина за чистење, агрегат и машина за перење автомобили) и 1 нов калорифер, откриени при контрола на швајцарско комбе, управувано од македонски државјанин и пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце Автопат. Непријавените производи пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.
– 1 комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајна дозвола, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Регистарските таблички и дозволата, пронајдени во багажникот на возилото, припаѓале на патничко возило марка Ford Fusion кое било привремено увезено во Република Македонија и кое, според изјавата на возачот, поради дефект било продадено на лице од Кочани. Табличките возачот ги носел во Бугарија за да ги одјави. На прашање на царинските службеници, возачот одговорил дека возилото увозно не го оцаринил, за што дал и своерачна изјава. Со таквата постапка возилото било пуштено во слободен промет без претходно да биде ставено во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки. Против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Девизи
– 3.800 швајцарски франци и 850 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи швајцарски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце Автопат. Патникот пријавил дека со себе носи околу 2.000 евра, но при извршениот личен претрес, во џеб од неговите панталони, биле пронајдени 2.850 евра и 3.800 швајцарски франци за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок поведена е прекршочна постапка.
Облека
– 103 парчиња облека (детски комплети, тренерки, блузи и панталони), откриени при контрола на македонски камион, натоварен со мебел со потекло од Турција, наменет за увозник од Германија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени зад совозачкото седиште и под креветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поведена прекршочна постапка.
Цигари
– 40 штеки цигари марка Pall Mall, Rothmans и Rodeo, со македонски акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на чекираниот багаж на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Лондон. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.