23/11/2024
Македонија

Запленети околу еден тон марихуана на граничниот премин Блаце

Царинските службеници на граничниот премин Блаце, на влез во Република Македонија, во соработка со Министерство за внатрешни работи, на 31 октомври 2017 година запленија околу еден тон марихуана, што досега е најголема количина на запленета дрога во еден случај во Република Македонија.

Дрогата беше пронајдена во товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од лицето Е.Б. (37) од Скопје.

На прес – конференцијата што се одржа денеска (1.11.2017година) на граничниот премин Блаце, изјави дадоа директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски и министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски.

Директорот на Царинската управа г-дин Танасоски се осврна на деталите околу заплената. Имено, откако возилото било пријавено за започнување на транзитна постапка, царинските службеници го селектирале за детален преглед. По кратко време, царинскиот застапник (шпедитерот) на превозникот, го известил царинскиот службеник дека возачот на возилото го напуштил царинскиот терминал и се оддалечил во непознат правец, оставајќи го возилото, стоката и патната исправа кај царинскиот орган.

По консултација со јавен обвинител, заради запазување на законските рокови според царинскиот закон, извршен е прегледот на приколката од возилото, натоварена со пресувана хартија во Косово со крајна дестинација Република Турција. При прегледот, со отстранување на неколку бали од хартијата, во средишниот дел од приколката, поточно во просторот помеѓу самите бали, пронајдени се вкупно 839 пакувања завиткани во проѕирна најлонска фолија со различна форма, големина и тежина, наполнети со растителна материја со зеленкаста боја, која на тестер за дрога покажа присуство на наркотична дрога „марихуана“.

Запленетата дрога наменета за Турскиот нарко пазар, би достигнала вредност до 4 милиони евра.

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител непознатата растителна материја веднаш беше доставена на вештачење со кое се утврди дека станува збор за марихуана.

Министерот за внатрешни работи, г-дин Спасовски им упати честитки на царинските и полициските службеници за успешно спроведената акција и истакна дека ова е потврда за заложбата на Владата на Република Македонија за сериозен и неселективен пристап во борбата против криминалот и корупцијата во државата.

-Оваа акција покажува дека оваа Влада , МВР и Царинската управа, сме решени, и таа порака треба да биде јасна, дека трговијата со дрога и оружје и сите други недозволени трговии ќе бидат на удар- рече министерот Спасовски.

По наредба на судија за претходна постапка овластените царински инспектори, во содејство со припадници на СВР Скопје извршија претрес во домот на осомниченото лице. Предистражната постапка е во тек и сеуште се обезбедуваат траги и предмети кои можат да послужат како доказ во кривичната постапка.

Царинската управа против осомничениот кој е во бегство и е недостапен на органите на прогонот ќе поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство, поради постоење на основано сомнение дека осомничениот Е.Б. сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик.

https://www.youtube.com/watch?v=5KBPbyeL9IE