Запленети златен накит, лекови, фалсификати и друго
Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани златен накит, крзнени бунди, облека, лекови, опрема за риболов, козметички производи и фалсификати.
Златен накит
– 416 грама употребуван златен накит (прстени, нараквици, гердани и друго) откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус, што сообраќал на релација Косово – Турција, управуван од турски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавениот накит бил пронајден во специјално подготвен бункер во лажен ладилник на автобусот. Накитот и автобусот се привремено задржани а против тројцата возачи, сите турски државјани, ќе биде поднесена кривична пријава.
Облека
– 40 женски крзнени бунди , откриени при контрола на романски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле двајца романски државјани. Непријавените бунди, пронајдени во повеќе најлонски кеси сместени во багажникот и на задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 344 парчиња облека (комплети детски тренерки, долни тренерки, блузи, фустани и бебешки тренерки), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Гевгелија – Демир Капија, во близина на селото Смоквица. Производите за кои возачот не поседувал никаква документација, биле пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Медицински препарати и диететски суплементи
– 1,5 литри диететски суплемент Venovin, 130 дози од 1 ml суспензии за инекции Lemod-depo 40mg/ml, 20 дози од 1 ml раствори за инекции Tetagam 250i.j./1ml- Tetanus, 150 дози од 0,3 ml капки за очи Saflutan 15mg/ml и 60 таблети Sintrom 4mg, откриени при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, за кои е потребна и посебна дозвола за увоз во државата, биле пронајдени во фабрички прегради во потпирачите за раце помеѓу предните седишта и на задното седиште. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Опрема за риболов и козметички производи
– 1.681 парчиња опрема за риболов (рибарски мрежи, машинки за рибарски трски, блинкери, јадици и мамци), 548 козметички производи и производи за одржување лична хигиена (грицкалки и турпии за нокти, вештачки трепки и вештачки нокти) и 3 комплети панталони со јакна, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус, кој сообраќал на релација Софија – Битола, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во четири најлонски кеси сместени во багажникот на автобусот, се привремено задржани, а против сопственикот, кинески државјанин кој патувал со автобусот, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 1.312 спортски обувки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион натоварен со производи со потекло од Турција, наменети за фирма од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.