Започна 11. издание „На зајдисонце“ во Трпејца
Со пригодна свеченост, синоќа, започна 11. издание на културно – забавната манифестација „На Зајдисонце“ во Трпејца. Во името на Локалната самоуправа свое обраќање пред присутните имаше советникот во Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.
– Ми причинува особено задоволство што вечерва сум тука со Вас и што имам чест во името на Локалната самоуправа да го означам почетокот на оваа традиционална манифестација, која 11 години по ред го разубавува летото во Трпејца.
Престојот овде, во овој живописен амбиент на брегот на Охридското Езеро, што плени со најпрекрасните пејсажи кои природата секојдневно ги подарува, носи едно неописливо чувство на мир и хармонија. Секој момент поминат тука ни носи нова убавина и нова привилегја за неповторливо доживување.
Со сета своја уникатност, оваа крајбрежна населба е своевидна атракција, која незапирливо го привлекува вниманието на гостите и туристите, а ваквите настани само ја надополнуваат и ја збогатуваат туристичката понуда.
Сигурен сум дека и оваа година културно-забавното лето во Трпејца ќе понуди сплет од креативна сценска програма, со уметнички, спортски и едукативни содржини, кои ќе привлечат многубројна публика.
Би сакал да упатам честитки и благодарност до организаторите за трудот и посветеноста, со надеж дека оваа манифестација ќе продолжи да се одржува и во иднина.
Општина Охрид секогаш е подготвена да даде поддршка на вакви проекти кои се во насока на збогатување на културните содржини и промоција на туристичките потенцијали.
Во наредните осум дена ви посакувам да имате успешни настани и да уживате во сите предвидени содржини!
Манифеатацијата започна со изложба на слики од уметникот Мајкл Клос од Канада и настап на бендот „8balls“.
Организатор на манифестацијата е Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ со поддршка на Општина Охрид.
WebOhrid / 21.07.2022 / Општина Охрид