Започна 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура
Четириесетина странски македонисти и слависти пристигнаа во Охрид. Со свечено отворање, денес започна работата на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Семинаристи од 15 земји во светот и тоа од: Малезија, Велика Британија, САД, Руска Федерација, Белорусија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, Турција, Унгарија, Полска, Словачка и Чешката Република, во следните дваесетина дена ќе следат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, a ќе проследат и неколку културните настани.
„Како покровител на големиот јубилеј, 2021 – година во чест на Блаже Конески, им благодарам на организаторите на Меѓународниот семинар, што и Зимската школа, којашто впрочем беше и првата активност во рамките на содржините на јубилејот, и претстојната 54. Летна школа ги посветуваат на творештвото на Блаже Конески.“ – истакна претседателот на државата, Стево Пендаровски, на денешното свечено отворање.
Тој посочи и на бројноста на учесниците на годинешната Летна школа.
„Тоа е бројка за почит и сведочи за несмалениот интерес за изучување на македонскиот јазик и на македонската литература, како и за подлабоко запознавање со македонската култура. Со тие факти, со право треба да се гордееме, но тие истовремено и нѐ обврзуваат да продолжиме да ги развиваме и унапредуваме врските со сите вљубеници во македонскиот јазик и промотори на македонската литература и култура.“ – рече Пендаровски.
Во таа насока, тој истакна дека во следниот период очекува многу поинтензивен ангажман во зајакнувањето на постојните и отворањето нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети.
Претседателот на државата, во завршницата на своето обраќање, и јавно им се заблагодари на сите странски македонисти, коишто, како што кажа, во изминатите децении беа наши најдобри амбасадори.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски посочи дека Летната школа следи по низа настани коишто МСМЈЛК ги организира оваа година, во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески: Првата зимска школа, одбележувањата на големите јубилеи од почетоците на изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ и на Истанбулскиот универзитет и објавувањето и промовирањето на зборникот „Конески на 11 јазици“. И Летната школа, како што нагласи ректорот, во целост ќе му биде посветена на Конески.
„Имено, чувствуваме пиетет и на овој начин да му се оддолжиме на професорот, но и ректорот, Блаже Конески кој ете имал свој влог и учество во покренувањето и обмислувањето на тогашниот Семинар за македонски јазик, во далечната 1967 година. За овој чин Конески ќе рече: „ … времето покажа дека има смисла и таа форма, бидејќи тие семинари дадоа свои резултати“. И навистина тие семинари, овие наши семинари дадоа исклучителни резултати. А зборовите на Конески: „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“, нè обврзуваат.“ – исткна Јанкуловски.
Обраќајќи им се на странските македонисти, тој истакна дека во нив ги имаме најголемите културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели.
„Ние веруваме во сите вас и во вашата мисија да продолжите во духот на досегашната дејност, а тоа е создавање пријатели и лобисти на Македонија, кои ќе ги пренесат и ќе ги претставуваат македонскиот јазик, литература и култура во своите земји, па и пошироко во светот.“ – рече Јанкуловски.
На семинаристите им се обрати и директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, којашто притоа се осврна и на творечкиот влог на Конески.
„Блаже Конески е најграндиозната наша фигура. Блаже Конески е личноста што се нурна најдлабоко во македонското минато и што се извиши највисоко во македонската иднина. Со него станавме препознатливи во светот. А со вашето изучување на македонскиот јазик, литература и култура стануваме уште попрепознатливи.“ – истакна Мојсова-Чепишевска.
Потем, наместо со долго поздравување/обраќање, директорката на МСМЈЛК, семинаристите ги поздрави со песната на Конески насловена „Охрид“.
На свеченоста беше промовиран и Зборникот Предавања на 53. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура, а промотор беше доц. д-р Гордана Алексова.
Лекторските часови и предавањата на Летната школа, започнуваат од утре наутро, а речиси секој ден, во попладневните часови, со програмата се предвидени културни настани наменети за семинаристите.
По 54. Летна школа се најавува и 48. Меѓународна научна конференција, којашто ќе се одржи на 3 и 4 септември 2021 година во Охрид. На неа, околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања за Блаже Конески, како стожер на македонскиот јазик, литература и култура.