Започна годинешното издание на „Поетска ноќ во Велестово“
Синоќа во селото Велестово започна 32 –то издание на интернационалната културна манифестација, Поетска ноќ во Велестово. Годинешната средба е посветена на поетското творештво на Зоран Анчески. Пред присутните беше отворена и изложбата на скулптури од Димитар Филипоски, а настапи „Skopje guitar trio“ на Дарко Багески.
Манифестацијата се реализира со поддршка на Општина Охрид , а на свеченото отворање пригодно обраќање имаше претседателката на Советот, Живка Анѓелоска.
– Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што во оваа летна ноќ во височините на преубавото Велестово имам можност да ви се обратам на свеченото отворање на 32–то издание на манифестација „Поетска ноќ во Велестово“. Оваа дводневна културна церемонија која годинава е посветена на делото на македонскиот поет Зоран Анчевски е убав повод да се навратиме на делата на врвните претставници на македонската книжевна реч преку која се покажува свест за својата традиција и грижа за нејзино зачувување, осветлување и афирмирање. Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски се само дел од поетите за кои биле посветени поетските ноќи во Велестово. Ако се има во предвид фактот дека поезијата по своите содржини, по своите пораки, и по своите изразни особености ги поврза времињата, истакнувајќи ги стремежите на македонскиот народ за неговата национална и културна самобитност останува само да им симнеме капа на гореспоменатите творци и многу други како нив. Поезијата е неопходно потребна поврзувачка нишка меѓу традицијата и современоста на еден народ . Со нејзе се осмислува еден нужен континуитет произлезен од народната песна, чиј јазик ги покажува неисцрпните можности на уметноста на пишаниот збор. Во услови кога Светот се соочува со еден од најголемите здравствени предизвици предизвикани од Вирусот КОВИД 19, културата е таа која го приспособува својот облик кон дадената ситуација како неопходно средство за поврзување на народите. Славејќи ја поезијата во услови на пандемија се враќаме кон јазикот како едно од најголемите чуда , бидејќи тајната на пишувањето не е во ништо друго туку во чудото на живиот јазик. Тоа влева оптимизам дека пак ќе дојде време на среќавање, поздравување, разговарање… Со надеж дека наредното издание ќе го дочекаме во многу подобро расположение посакувам да понесете убави спомени од беседењата посветени за годинешниот Лауреат, Анчевски и секако да уживате во творештвото на надалеку познатиот академски уметник и вајар Димитар Филиповски и во музиката на Дарко Багевски – рече Ангелоска.
Утревечер во рамки на манифестацијата, ќе бидат претставени поетите Тоде Илиевски, Биљана Стојановска, Владимир Мартиновски, Павлина Атанасова, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска.
Годинешното издание на „Поетска ноќ во Велестово“ е организирано во согласност со сите мерки и протоколи за заштита од вирусот „КОВИД 19“.