23/11/2024
Охрид

Започна изградбата на ново повеќенаменско спортско игралиште во населбата „Видобишта“

Градоначалникот Кирил Пецаков и премиерот Христијан Мицкоски денеска извршија увид на работните активности за изградба на повеќенаменско спортско игралиште во населба „Видобишта“.

Градоначалникот Пецаков истакна дека со изградбата на ова мултифункционално игралиште Општина Охрид продолжува да инвестира во спортската инфраструкура која е од големо значење за правилен раст и развој на најмладите.

Игралиштето кое ќе биде наменето за фудбал и ракомет се протега на површина од 1320м2 и на истото ќе биде поставена специјализирана гумирана подлога на површина од 230м2. Покрај делот кој е наменет за спортување ќе се изврши хортикултурно уредување на целиот простор и  ќе биде поставено соодветно осветлување.

Вредноста на оваа инвестиција е 7.622.151 денари и истата е целосно финансирана од буџетот на Општина Охрид.

Kaко дел од денешната посета во Охрид, премиерот Мицкоски заедно со градоначалникот Пецаков и министерот за спорт, Борко Ристоски изврши увид и на состојбата на затворениот базен во Охрид, чија што изгредба се уште не е завршена. При посетата беше потенцирано дека ќе се вложат сите напори, изградбата на овој капитален објект да биде финиширана што поскоро.


WebOhrid / 15.07.2024 / Општина Охрид