Започна новогодишното украсување на Охрид
Деновиве започна новогодишното украсување на Охрид. Во услови на здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата со Ковид 19, а со цел да се заштедат финансиски средства, локалната власт одлучи украсувањето да се реализира со намален буџет во однос на изминативе години. Ќе се користат постоечките реквизити кои се сопственост на општината, а китењето ќе биде во централното градско подрачје и главните „улични артерии“.
Годинава ѕвезденото небо ќе блесне само на плоштадот „Св. Климент Охридски“ и на улицата „Македонија“ спроти кејот каде ќе се постават и декоративни мразулци. Со мразулци годинава ќе биде накитена и чаршијата.
Кружните токови на булевар „Туристичка“ и кај гимназијата „Св. Климент Охридски“ ќе бидат разубавени со новогодишни фонтани.
Според планираното украсувањето на Охрид треба да заврши кон средината на месец декември.