Започна седмото издание на Beach Film Festival во Охрид
Вчеравечер на плажата „Славија“ во Охрид свечено беше отворено седмото издание на Фестивалот на европски филм BEACH FILM FESTIVAL.
Во името на градоначалникот Кирил Пецаков, пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Александра Настоска Николоска.
– Неописливо е чувството на радост и задоволство, оваа прекрасна јулска вечер, да се биде овде, покрај Охридското Езеро и да се доживее оваа уникатна атмосфера, која ни ја приредува седмото издание на Фестивалот на нов европски филм – BEACH FILM FESTIVAL.
Оваа манифестација, од година во година стана важен дел од културната понуда на Охрид како туристички центар. Фестивалот со својата уникатност и несекојдневни места за проекција на филмовите го привлекува вниманието на бројните посетители од Македонија и од странство и го позиционира нашиот град на мапата со важни филмски случувања во регионот.
Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков сакам да упатам огромна благодарност до организаторите за континуираната посветеност. Благодарение на нивниот ангажман и оваа година може да проследиме богата програма со филмови од различни жанрови и култури, кои се дел од светската кинематографија.
Упатувам покана до сите љубители на „седмата уметност“ да уживаат во квалитетни проекции под отворено небо и да се запознаат со нови и возбудливи филмски приказни.
Драга публико,
“Филмот има способност да нè води на патувања каде што нашата реалност не може да нè одведе.” -рекол познатиот светски режисер Мартин Скорсезе. Верувам дека оваа убава мисла ќе биде наша инспирација и дека овогодинешното издание на филмскиот фестивал ќе не однесе на многу интересни патувања, ќе ни подари важни животни поуки и ќе ја зајакне нашата љубов кон уметноста.
Со желби за уште многу успешни изданија во иднина, ви посакувам безброј незаборавни моменти со магијата на филмската уметност, истакна во своето обраќање Настоска Николоска.
Овогодинешното издание на фестивалот кое ќе трае до 21 јули ќе се одржува на четири локации во Охрид и тоа на плажата Славија, бродот Армада, плажата Сараиште и Младинскиот Центар. Фестивалот на филмови под ѕвездите и годинава нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси.
Фестивалот беше отворен со проекцијата на филмот „Forever hold your peace“, а во главната програма ќе бидат прикажани уште шест долгометражни европски филмови: „Rodeo“, „Summer to come“, „Afire“, „Milk“, „Some birds“ и „Pelican“.
Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови. Од домашната продукција ќе бидат прикажани филмовите на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов. За музичкиот и забавен дел на програмата задолжени се бендовите „Sioto Jazz“ и „Xarakiri“, диџејот „MarТian“, диџејките „Baila“ и музичкото дуо „SIZ“. Ова фестивалско издание предвидува и филмови за најмалите посетители што ќе бидат прикажувани на градската плажа „Сараиште“ од 20 часот.
WebOhrid / 18.07.2024 / Општина Охрид