23/11/2024
Македонија

Започна со работа групата за реформи на основното образование

Започна со работа групата којашто ќе ги прави реформите на основното образование. За таа цел, министерката за образование и наука Мила Царовска, денес го одржа првиот состанок со претставниците на групата во која се вклучени вработени од Биро за развој на образованието, универзитетски професори, наставници од основно образование, УНИЦЕФ и Македонски центар за граѓанско образование.

На состанокот Царовска истакна дека нејзина заложба како министерка за образование и наука, но и на владата е обезбедувањето квалитетно образование за сите деца.

“Планот е да создадеме образование достапно на сите, образование кое ќе создава граѓани кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Во фокусот на реформата ќе бидат учениците, како и наставниците кои треба да бидат поддршка во учењето на децата”, истакна Царовска.