Започна со реализација иницијативата „Промоција на мултикултурно партнерство, низ езерото”
Здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија” од Охрид, на 27.04.2018 година започна со реализација на иницијативата “Промоција на мултикултурно партнерство, низ езерото”, како дел од програмата за регрантирање на проектот “Декада на припадност – славење на различностите”, финансиран од Европската Унија, Агенцијата за локален развој од Струга и здружението на граѓани “Креативни и активни”, исто така од Струга.
Целта на проектот е да се придонесе кон развојот на чувството и свеста за мултикултурализмот и на почитувањето на различностите, кај учениците од основно образование во општините Охрид, Струга и Дебарца, по пат на организирање повеќе настани, на кои главен акцент ќе биде ставен на градењето мостови на пријателство помеѓу младите генерации.
Проектните активности започнаа со реалицацијата на мултикултурната работилница на 27.04.2018 година, во основното училиште во селото Белчишта, како главен соработник во имплементацијата на проектот. Во текот на работилницата, ученици од различни етнички националности од училиштето домаќин, како и од основните училишта “Братство Единство” од Охрид, “Јосип Броз Тито” од Струга и “Нури Мазари” од селото Корошишта, настапија со ора и свадбени обичаи карактеристични за македонската, албанската, турската и египќанската етничка заедница во овој регион.
Меѓу поканетите гости и присутни, настанот го следеше и градоначалникот на општина Дебарца, господинот Зоран Ногачески.
Втората фаза на проектот ќе се состои од организирање модна ревија, на која учениците од горенаведените училишта ќе ја покажат својата креативност и замисла за мултикултурното живеење, преку комбинирање на различни креации и модели од традицијата, со нишка на сегашноста, во текот на месец мај, како и со посета на најзначајните историски, културни и религиски богатства на етничките заедници кои се темел на проектот, и со кои плени охридско – струшкото крајбрежје.
Кон крајот на овој месец, ќе се одржи и младински мултикултурен камп, на кој средношколците и студентите од различни етнички заедници ќе имаат можност да дадат свој активен придонес кон зацврстувањето и промовирањето на нивната заедничка иднина во мултикултурна Македонија.
Проектот ќе трае до месец Јули 2018 година, а предвидено е со секоја од активностите да бидат опфатени околу 100 ученици.