31/10/2024
Охрид

Започна тринаесеттото издание на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

Со пригодна свеченост, вчеравечер, започна тринаесетото издание на културно – забавната манифестација „На Зајдисонце“ во Трпејца. Во името на Општина Охрид пред присутните се обрати Ана Крстеска, заменик градоначалник.

-Никој не може да остане рамнодушен на величествениот танц на сончевите зраци и небесната палета врз кристалната шир на Охридското Езеро, кои токму тука во Трпејца, секоја квечерина создаваат неповторливи пејзажи на зајдисонцето. Тоа е момент на хармонија, кога времето како да застанува, а духот на ова уникатно место нè плени со својата топлина и гостопримство.

Почитувани присутни, ценети гости, драги трпејчани
Вечерва сме тука, на оваа преубава локација, каде природата и културата се спојуваат во едно магично искуство, за да го означиме почетокот на овогодинешното издание на традиционалната манифестација „На зајдисонце“ во Трпејца.

Трпејца, со својата неповторлива убавина и богатството од традиции, секогаш била важен дел од охридската туристичка понуда и претставува симбол на источното крајбрежје на Охридското Езеро.

Оваа прекрасна манифестација која се одржува по тринаесетти пат ја збогатува културната понуда за жителите и за гостите, ја поттикнува креативноста и социјализацијата и го презентира препознатливиот потенцијал на туристичката населба, како атрактивна дестинација. Во текот на следните денови, ќе имаме можност да уживаме во богата програма со различни настани и активности, а секој од нив ќе не потсети на нашето културно наследство, нашите уметнички потенцијали и на важноста на заедничкото живеење и творење.

Посакувам манифестацијата „На зајдисонце во Трпејца да продолжи да биде празник на културата и мост кој ќе ги спојува луѓето, ќе ги поттикне на сплотеност и размена на уметнички идеи. На крајот, во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков сакам да се заблагодарам на сите кои дадоа свој придонес во манифестацијата, во текот на изминатите години, со надеж дека истата ќе продолжи да се организира и во иднина. На вас драга публико ви посакувам да уживате во секое ново зајдисонце и да понесете незаборавни спомени, истакна Крстеска.

Овогодинешната програма стартуваше со Мини изложба на дела од Меѓународната колонија одржана во Трпејца во 2023 година и концерт на Влатко Броз и Диџеј Марама.

Во наредните девет дена, публиката ќе може да проследи низа од културни и музички настани, работилници и други интересни активности.

Манифестацијата  „На зајдисонце “ ја организира Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ со поддршка Општина Охрид.


WebOhrid / 21.07.2024 / Општина Охрид