22/11/2024
Македонија

Започнаа пристапните разговори за членство во НАТО

Во рамките на агендата на посетата на делегацијата на НАТО, предводена од Џејмс Мекеј, Директор на Евро-атлантско и глобално партнерство во одделот за политички и безбедносни прашања во штабот на НАТО во Брисел, денеска е одржана работна средба со работна група составена од експерти од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, од Министерството за одбрана, од Министерството за надворешни работи, од Министерството за внатрешни работи, од Министерството за правда, од Министерството за финансии и од Министерството за информатичко општество и јавна администрација, што ја предводеше Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО, а го придружуваше и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.

Со активностите на оваа работна група започнаа пристапните разговори за членство во НАТО, со што започна реализацијата на процесот за членство во НАТО.

Работната средба на двете експертски групи беше посветена на запознавање со процесите и процедурите во врска со процесот за членство во алијансата, како и за обврските што Република Македонија треба да ги исполни, како што се финализирањето на реформите за зајакнување на владеење на правото, реформите во одбраната и во безбедносниот сектор.

На средбата беше истакнато дека најважно во оваа фаза е имплементацијата на договорот со Грција, како договор за македонската иднина, како договор кој го гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

Со стартот на овие пристапни разговори, беше истакнато на состанокот, Република Македонија ја исполнува својата стратешка цел, како повеќегенерациски успех, и како успех на сите институции, сите политички партии, цивилното општество и сите граѓани, и ја остварува својата цел за безбедност, стабилност и сигурност, како основа за дополнителен економски развој и подобра иднина за нејзините граѓани.