Започнува 21 Скопски филмски фестивал
Со премиера на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија и по сценарио на Владимир Блажевски, а во продукција на „Панк филм“, денеска, 19 април, со почеток во 20 часот во киното „Милениум“, започнува 21 издание на Скопскиот филмски фестивал …
Филмот „Година на мајмунот“ е работен во копродукција помеѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Директор на фотографија е Димо Попов, а главните улоги ги толкуваат Игор Ангелов, Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска и Петер Елиот. Станува збор за црна комедија во која во фокусот е бегството на шимпанзото Коко од Зоолошката градина, како што велат од екипата: „Од ропство во слобода“.
Во рамките на Скопскиот филмски од денеска до 26 април на три локации – кината „Милениум“ и „Фросина“ и Кинотека на Македонија, во седум програмски целини: Авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Квир фокус и Ретроспектива на Хичкок, љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да проследат повеќе од 50 филмски остварувања, повеќе работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии.