29/11/2024
Македонија

Започнува Божиќниот пост

За православните христијани од денес (28 ноември) почнува Божиќниот пост. Овој пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на раѓањето во тело на Спасителот и Господ наш Исус Христос, кој заради нашето спасение се воплоти, прими тело и стана Човек за да ја подигне и спаси сета човекова природа. Бог стана Човек за да човекот стане бог по благодат. Оваа зададеност Бог му ја дај на човекот уште во рајот за што требал да исполни само една заповед да се воздржува, т.е. да пости. Ако постот му бил потребен на човекот во рајот за да дојде до целта тогаш уште повеќе во ова земја на прогонство и маки.

Целта на овоземниот живот е преобразување на паднатиот човек во нас и воздигнување на обновениот и стекнувањето на благодатта на Светиот Дух. Тоа се постигнува со доброволно распнување на стариот и огревовен човек со врздржување и бдеење над своето срце и негово чистење и ослободување од старстите во него, кои не заробуваат и не прават робови на ѓаволот и осуденици на смртта.

Постот е едно од тие средства кои најдиректно помагаат во тој подвиг, најпрво на нивно неутрализирање, а потоа и победа над нив и ослободување. Меѓутоа, постот сфатен, не само како воздржување од одреден вид на храна во предходно определени денови од годината туку севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во непрестано бдеење и контрола над себе се до моментот на очистувањето на срцето од страстите и стекнувањето на благодатта на Светиот Дух во нас, а понатаму Самиот Свет Дух ќе не учи како таа благодатта да ја запазиме во нас и дојдеме до нашата зададеност.

Вистинскиот пост во себе ги содржи и сите добродетели: покајанието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг итн, а пред се молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета па дури и суета и прелест. Постот е добродетел на Црквата па според тоа има и соборни димензии, односно ние постиме и се подвизуваме не само за себе туку и за сите други. Постот и молитвата се голем дар Божји без кои нема обожение и спасение. Тие се наше благодарно учество во Крстот Христов, па и затоа и во Неговото воскресение. Затоа да го возљубиме постот и да се воружиме против нашиот непријател.

Правилото на овој пост е следното: Во Среда и Петок се пости без масло. Монасите го постат и Понеделникот, а кој сака, со благослов на својот духовен Отец, може да пости и тој. Останатите денови се пости со масло, а во саботите, неделите и големите празници се употребува и риба. Вака се пости до празникот на св. Спиридон кога од менито се исфрла рибата.

Божиќниот пост завршува на Бадник (6-ти јануари).